Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вечерва ја доби довербата за уште еден претседателски мандат, во својот говор посочи дека се дефинирани неколку цели, како ниски даноци, сузбивање на криминалот, влез во ЕУ, заштита на националните интереси.

-Сево ова за што ви говорам мора да има цели, како дел од нашите верувања во доктрина и филозофија на делувања. Новиот договор кој е општествен консезус не се само демагогија и фрази, туку јасни цели кон кои ќе се стремиме и за кои жилаво ќе се бориме.
Нашата цел и визија како партија ќе биде да се бориме во една временска дистанца да постигнеме економски стандард како во една Австрија.
Нашата цел како дел од тој нов договор и консензус е намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8%.
Персоналниот данок за млади луѓе да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето на економијата да имаме раст помеѓу 4 и 6 проценти.
Да постигнеме едноцифрена невработеност.
Во образованието да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа, бидејќи денес, за жал, немаме ниту еден во првите илјада.
Да регулираме пазар за трговија со криптовалути, трговија со примена на блокчејн технологија.
Да работиме на достигнувања и развој на вештачката интелегенција, роботиката, иновациите. Да понудиме оддржливи решенија кои ќе бидат патентирани во европски рамки.
Да влеземе во отворена војна против корупцијата и наместо сегашното 111то место на листата на Транспаренси да влеземе во првите 50 држави што се борат против корупција со објективни резултати од корист за нашите граѓани.
Наша цел и наша визија е да создадеме систем во земјоделството на сигурен откуп за земјоделците и извоз на производител нешто што 3 децении не го правиме.
Во културата да се вмрежиме, да станеме дел од европските збиднувања. Македонија има што да каже на овој план.
И најпосле, да доживееме Македонија да стане дел од Европската Унија. Ова не е сон, ова е наша цел – рече Мицкоски