Доколку се распишат избори, пржинската влада и техничкиот премиер нема да бидат сто дена пред гласањето како што предвидува Законот за Влада , туку многу помалку.
Од Владата за „Pressing TV“ велат дека роковите за предвремени се покуси во однос на редовни избори и затоа ќе важат скратените рокови.
Од Владата и денеска го повторија ставот дека опозицијата треба да го почитува гласот на речиси 610.000 граѓани кои гласаа на референдумот, но дека во спротивно изборите се неизбежни.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вчера беше јасен дека нема да отстапат од она што е пропишано во законот за сто дена пржинска влада, но бараат и да се формира собраниска комисија која ќе ги расчисти нерегуларностите на референдумот, како и да се избере Јавен обвинител на предлог на опозицијата.
Партиски извори за „Pressing Tv“ откриваат дека засега нема никакви состаноци помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по референдумот, но и по испорачаните услови од страна на Мицкоски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски пак јавно соопшти дека ВМРО ДПМНЕ воопшто нема да преговараат за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени. Вели дека, според законите и Уставот, референдумот не помина и не смеат да се прават понатамошни чекори кон легализација и вметнување на Договорот во правниот систем.
Откако ноќта по изборите премиерот Заев изјави дека доколку не успеат да обезбедат двотретинско мнозинство за промена на Уставот, за што ќе им бидат неопходни гласовите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе мора да се распишат избори и тоа во најкус рок.
Но, постојат две толкувања што значи тоа најкус рок. Според Уставот доколку Собранието се саморапушти тогаш избори мора да се случат за најдоцна за 60 дена.
Според т.н Пржински договор, кој е дел од Законот за влада, премиерот мора да се повлече сто денови пред изборите, а треба да бидат избрани и министри за внатрешни работи и труд и социјала на предлог на опозиција, како и дополнителни министри за земјоделство, финансии и информатичко општество.
И изборите во 2016 кои два пати беа одложувани беа предвремени, па тогашниот премиер Никола Груевски се повлече сто дена пред првото одложување.
Доколку се почитуваат роковите пропишани со Законот за влада, ако изборите бидат распишани на средината на овој месец, како што најавија од Владата, нивно одржување е можно во втората половина на јануари.
Но ако се оди според скратените рокови за предвремени парламентарни избори пропишани во Изборниот законик, избори би се одржале како што вели Заев кон крајот на ноември.
Comments are closed for this post.