На 50 годишнината од одржувањето на традиционалната Манифестација во чест на Св. Кирил, како и на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Светата Столица, претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ја предводи делегацијата од земјава, имаше тет-а-тет средба со Папата Франциск, а потоа делегацијата беше примена на аудиенција кај Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, во името на сите граѓани, на папата Франциск му искажа искрена благодарност за неодамнешната историска посета на нашата земја, со што ни беше оддадено признание на светско ниво дека како држава сме на вистинскиот пат од кој не смееме да отстапиме.

„Република Северна Македонија и нејзините граѓани секогаш биле и се дел од европската цивилизација. Делото и наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, или пак на Мајка Тереза или на Скендер бег не припаѓаат на една држава или на еден народ, туку се светска придобивка и симбол на истрајноста и хуманизмот. Тие по својата содржина се универзални, тие се дел од европската и светската цивилизација, а ние сме должни тие вредности да ги негуваме и надградуваме“, истакна претседателот на Собранието Џафери на средбата со Папата Франциск.

Папата Франциск се заблагодари на нашата држава за неодамнешниот топол и искрен пречек и нагласи дека од Македонија се вратил со преубави впечатоци, а како што рече, особено е трогнат од наклонетоста на младите луѓе во нашата земја кои што, иако се од различна религија и етничка припадност, градат соживот.

„Верувам во заедништвото на младите луѓе, а тоа го почувствував во вашата земја. Вашиот народ е порта за христијанството во Европа, што е од исклучително значење“, порача папата Франциск.

Претседателот Џафери на папата Франциск му подари скулптура на светите браќа Кирил и Методиј, дело на познатиот македонски скулптор Томе Серафимовски.

„Оваа скулптура има голема симболика. На скулптурата има виновата лоза и гулаб на маслинова гранка. Оваа скулптура е симбол на заедништво и пораки за мир, акцентираше папата Франциск, кој воедно доби и подарок од архиепископот г.г. Стефан.

На средбата со државниот секретар на Ватикан, Кардиналот Пјетро Паролин, особено внимание беше посветено на верските слободи, како дел од општите човекови права. Беше заклучено дека во Македонија, целосно се почитува правото на вероисповед, а со тоа и положбата на верските заедници. Светата столица особено го цени односот на државата кон Католичката црква.

На Манифестацијата во чест на Св. Кирил, се одржа молебен во Базиликата Сан Клементе каде што се наоѓа гробот на Св. Кирил, на кој присуствуваа и претставници од делегацијата на Република Бугарија.

Исто така двете делегации заеднички ќе положат свежо цвеќе пред плочите поставени во чест на Св. Кирил, во Базиликата Санта Марија Маџоре.