Македонската влада го почитува членот 4(3) од Преспанскиот договор, изјави денес на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Ова е одговор на новинарско прашање поставено за реакциите на Грција по изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој рече дека со Преспанскиот договор се создава можност да се изучува македонскиот јазик во Грција.

Бошњаковски рече дека Владата е посветена на имплементацијата на Преспанскиот договор и оти сите дејствија и изјави се прават со добра волја.

„Во оваа насока Владата го нагласува членот 4 (3) со кој се обврзуваме да не се мешаме во внатрешните работи на Грција, вклучувајќи ја и заштитата на правата на лицата кои не се наши државјани. Во таа смисла се подразбира дека јазичните политики во двете земји не се определени со Преспанскиот договор.

Владата на Република Македонија изразува целосно разбирање и почитување дека ова прашање, за тоа кои јазици се изучуваат во Грција е прашање на внатрешни политики и прашање на внатрешни работи на Република Грција.

Премиерот Зоран Заев е целосно посветен на политиките што ги носат европските вредности на Балканот и е посветен на целосно подобрување на добрососедските односи. Изразуваме жалење доколку некои коментари биле разбрани и протолкувани на погрешен начин“, рече Бошњаковски.