Очигледната воздржаност на специјалниот пратеник Владо Бучковски и за почеток само благите потсетувања од бугарските политичари дека изборите во Бугарија нема да променат ништо во нејзините ставови треба да бидат основата врз која ќе се враќа меѓусебната доверба меѓу Скопје и Софија. А, ако се враќа довербата, значи дека таа е изгубена, иако никој не знае зошто и од кого!

Но, ако се суди само според информациите од медиумите, тогаш нашиот „Дедо Мраз“ се вратил од Софија само со сет, пред се, економски бугарски желби. Па така, во центарот на вниманието сега е изградбата на железничката пруга и на патишта, отворањето клонови или бугарски универзитет во Македонија, инвестиции на бугарски компании и само во дел се нашле учебниците. Демек, Бугарија ја менува тактиката.

Играта на зборови дали се работи за анекс на Договорот за добрососедство, протокол, нон-пејпер или акциски план, за помалку од три дена стана ирелевантно, зашто најбитна е содржината. А, таа и натаму се крие од очите на јавноста.

Тоа што најмногу зачудува е фактот, што сега никој не ја споменува историјата и отворените идентитетски прашања. За време на престојот во Софија, ниту специјалниот пратеник Владо Бучковски, ниту вицепремиерите и министри Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов не изустија ни збор за „историската вистина“ или „правилното читање на историјата“, ни за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот, ни за Гоце Делчев, ни за написите на спомениците од НОБ, ни за „администрирањето/окупацијата“ за време на Втората светска војна…

И вака наивно гледано, се поставува прашањето зошто воопшто Бугарија и стави вето на Македонија за официјален почеток на преговорите за членство во ЕУ? Па, ако во суштина се работело за чисто економски прашања или ветувања, тие можеа да се решат без никакви пречки! Меѓутоа, работите не стојат така.

Зашто, самиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, не еднаш призна дека на маса се идентитетски прашања, ама со помош на еквилибристиката за нив нема да се преговара! Во меѓувреме и он и премиерот Зоран Заев, и вицепремиерот Никола Димитров ќе се прават дека не се од тука, па нема да им е јасно и нема да знаат, што всушност бара Бугарија!?

А, во отсуство на конкретни одговори, таа, чисто шпекулативно, всушност, да ти барала за шест месеци да се продолжи со изградбата на пругата кон Ќустендил во која како подизведувачи ќе учествуваат само бугарски градежници, новиот проширен пат да биде готов до крајот на годинава, потоа македонската Влада за три месеци да објави дека го продава својот удел на акции во Телеком, во рок од три недели Владата да ги објави протоколите за кои е веќе постигната согласност меѓу историчарите за заедничко чествување на значајни личности за заедничката историја, од наредната учебна година со учебниците за прво одделение да се изучува дека Гоце Делчев е 50 отсто етнички Бугарин и 50 отсто географски Македонец, а од наредната во шесто одделение да се учи дека Македонците постојат од 2 август 1944 година, зашто до тогаш биле етнички Бугари…Рудникот Иловица не е веќе на списокот желби. Тој и официјално доби бугарски газди и тоа директно преку Кајманските Острови.