Ниту вознемиреноста за дополнителната придавка, ниту стравот од иредентизам се оправдание за да се жртвува благосостојбата на граѓаните во овие две земји (Македонија и Грција). Договорот за кој ќе се гласа месецов, потпишан во јуни од страна на македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас, е суштински разумен и ги унапредува пошироките геополитички интереси на двете нации, преку поголема стабилност и безбедност на Балканот. Избирачите не треба да дозволат домашната или странска опозиција да им застане на патот, пишува за „Фореин полиси“ Мајкл Карпентер, поранешен советник на американскиот потпретседател, Џо Бајден.

Карпентер наведува дека Македонија, наскоро треба да биде именувана „Северна Македонија“ доколку граѓаните гласаат за промена на името на референдумот закажан за 30 септември, со што конечно ќе добие шанса да се приклучи на заедницата на западните земји. Ако граѓаните на земјата ја поддржат промената на името, Грција соопшти дека ќе престане да го блокира членството на својот сосед во НАТО и во Европската унија.

На самитот во Брисел, потсетува Карпентер, во јули годинава, лидерите на НАТО ветија дека ќе ја поканат Македонија да се приклучи кон Алијансата по решавањето на нејзиниот спор со Грција, со што автоматски Северна Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО ако референдумот биде успешен. И покрај тоа што пристапувањето во ЕУ несомнено ќе трае подолго, позитивниот момент на интеграција во НАТО ќе ја стави Македонија на многу поцврст пат кон членството во ЕУ, особено ако Владата го искористи овој моментум за да ги зајакне реформите во владеењето на правото.

Сепак, исходот од референдумот не е сигурен. Анкетата спроведена од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во јуни и јули покажа дека 57 отсто од Македонците поддржуваат промена на името, но уличните протести против промената се жестоки. Екстремните националисти во Македонија и Грција не сакаат компромис. На некои Македонци, разбирливо, не им се допаѓаат тоа што Грција бара да се додаде придавка на името на нивната земја. Некои Грци се загрижени поради некои  иредентистички чувства на Македонците, и покрај тоа што имаат прецизна граница, а имаат и гаранцијата за колективна одбрана во рамки на НАТО. И Русија жестоко се противи на договорот меѓу Македонија и Грција, за кој ќе се гласа на референдум.

„И додека интеграцијата на Македонија во НАТО не претставува воена закана за Москва, тоа ќе ја намали способноста на Кремљ да го шири своето корумпирано влијание во регионот. Тоа доведе до тоа Москва да користи посредници, вклучувајќи олигарси, свештеници, шпиони и дипломати за да организираат и финансираат опозиција за договорот“, наведува поранешниот советник на Бајден.

Со ширење на пропаганда на омраза и финансирање насилни демонстрации, Русија активно поттикнува етнички незадоволства, кои за жал остануваат моќна сила во политиката на Балканот, констатира Карпентер.

Матис со анти-Трамповска порака во Скопје

„Кога Матис го посети Скопје пред една недела тој испрати вистинска порака кога на Македонците им рече дека сега имаат шанса да му се приклучат на клубот на западните демократии. Тоа всушност беше анти-Трамповска порака. Претседателот Доналд Трамп ги стави под знак прашање обврските на САД кон балканските сојузници во НАТО, се потсмеваше со ЕУ интеграцијата и ги напаѓа нормите на мултиетничките демократии. Од друга страна, идеолошкиот сојузник на Трамп, Стив Бенов е активен на Балканот во последните месеци, поддржувајќи ги националистичките популистички лидери и движења.

Не може да има појасен контраст на пораките меѓу Матис и Бенон. Кога Македонците ќе гласаат на 30 септември тие ќе треба да изберат меѓу компромис кој ги отвора вратите на НАТО и интеграција со Западот и догматски национализам кој избегнува меѓународна соработка. Нивната иднина зависи од исходот на референдумот.