Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов ги повика своите колеги, особено тие од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, поранешниот премиер кој доби политички азил во Унгарија. Во својата порака, Костадинов побара од  пратениците на опозициската партија да ја почитуваат одлуката на нивниот ИК одржан синоќа.

Притоа, Костадинов изјави за лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, дека не собрал храброст да ја соопшти одлуката во јавност и дека Груевски, како негов ментор, го контролира.

Исто како Груевски, и Мицкоски сака да префрла одговорност на неговите пратеници кога му е тешко да соопшти јасна одлука и став – смета Костадинов.

За одземањето на мандатот на Груевски денеска во Собранието ќе заседава Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања.

Пратениците ќе одлучуваат по предлогот за одземање на мандатот поради неоправдано отсуство на Груевски повеќе од шест месеци, а врз основа на известувањето од претседателот на Собранието Талат Џафери, доставено на 15 мај 2019 година.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ по синоќешната седница апелира до пратениците за мандатот на Никола Груевски да постапат според законот и Уставот.

Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на г-динот Никола Груевски тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на РМ да постапат согласно законите и Уставот – соопшти ИК на ВМРО-ДПМНЕ.