„Владата на Република Северна Македонија како што е наведено во Уставот се грижи за македонскиот народ во земјава и дијаспората и насекаде низ светов. Дополнително, на сите етнички Македонци, кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората насекаде низ светот, мајчин јазик им е македонскиот јазик, кој припаѓа на групата јужнословенски јазици. Употребата на терминот Македонци и македонски јазик ќе се користи во насока на духот на Договорот од Преспа. За Владата на Република Северна Македонија извештаите на Стејт департментот се објективни.“

Ова е одговорот на владиниот портпарол Миле Бошњаковски на две прашања на Пресинг Тв, што произлегоа по изјавите на министерот за надворешни работи, Никола Димитров и на премиерот Зоран Заев. Пресинг Тв прво праша зошто американскиот Стејт департмент во својот Годишен извештај за состојбите со човековите права и слободи смее да го користи терминот Македонци во Грција, а македонскиот премиер, како и министерот за надворешни работи стравуваат или не смеат да го користат, а именувањето на македонскиот јазик се сведува на стравување од евентуално невнимание од аспект на Договорот од Преспа? И второ, дали Владата ќе побара од Стејт департментот во наредниот извештај да не го користи терминот Македонци?

Во неодамна објавениот извештај на Стејт департментот, во делот за слободата на здружување во Грција, меѓу другото, стои: „Иако Уставот и законот предвидуваат  слобода на собири и здружување, владата продолжува да поставува законски забрани на имиња на здруженија на националности кои себе си се идентификуваат како Македонци или здруженија кои го имаат терминот „турски“ како индикативен или колективен етнички идентитет. Тие здруженија и покрај тоа што не се регистрирани продолжуваат да работат“.

При последниот престој во Брисел, одговарајќи на новинаркото прашање дали има коментар за „узбуната“, што се крена околу користењето или не на зборот „македонски јазик“ кај населението во Северна Грција, премиерот Заев изјави:

Договорот е јасен. И ако го следиме духот на пријателството многу лесно ќе се објаснуваме. Прво факт е дека нашиот јазик е македонскиот јазик, тоа е прифатено во договорот. Истовремено е факт дека е од групата словенски јазици. Научен, потврден факт. Исто така е јазик на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората. Но, тоа е различно од хеленското културно наследство, со нивните традиции. Тоа е разграничено. И во духот на добрососедството, и градењето на пријателството, треба да имаме разбирање за вакви прашања. Токму тоа и министерот Димитров го објаснува, и на крајот реков – идентитетските прашања се лични, нешто што го носиме во градите, тоа никој не може да го смени.

Проблем ли е да се каже дека се зборува македонски таму?

Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер, изјави премиерот Заев.