Македонија доби најголема финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на Планот за раст за Западен Балкан, со што се потврдува напредокот во спроведувањето на реформската агенда. Европската комисија објави дека за Македонија се одобрени 65,7 милиони евра, повеќе од средствата доделени за Албанија, која добива 49 милиони евра, и Црна Гора, за која се наменети 44,2 милиони евра.
Средствата се одобрени по позитивната оценка на Европската комисија за спроведените реформски чекори во земјава, кои се однесуваат на подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ-опрема во училиштата.
Од вкупните 65,7 милиони евра, 30,6 милиони ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека останатите средства ќе бидат достапни за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Средствата преку WBIF ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти во одржлив транспорт, чиста енергија, дигитализација и развој на човечкиот капитал, во соработка со меѓународни финансиски институции и партнерите од Западен Балкан.
Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската Унија, има цел да ги приближи земјите од регионот до европскиот пазар и да ги забрза реформите преку финансиска поддршка поврзана со конкретни резултати.







Comments are closed for this post.