Одлука на Собранието и ратификација на Вашингтонскиот договор, но не и референдум за полноправно членство во НАТО е постапката што ја очекува академик Владо Камбовски, откако Протоколот за влез во Алијансата ќе биде ратификуван од сите земји-членки.

Овој став беше промовиран на конференцијта насловена како „Градење на вредносен и безбедносен систем: Услов за интеграција во НАТО“, што во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ се одржа во Академијата на науките и уметностите на Северна Република Македонија-МАНУ.

Уставот не предвидува никаква друга процедура, не предвидува никаков референдум, бидејќи НАТО не е сојуз на држави, туку во себе обединува врз принципи на координација и интероперабилност и зачувување на суверенитетот на секоја држава. Уставот предвидува референдум само ако се работи за пристап кон сојуз на држави ако притоа значи пренесување на одредени суверени надлежности и права на државата на некои супранационални или заеднички институции, што во случајов не е така, изјави академик Камбовски.

Осврнувајќи се на економските придобивки од полноправното члнство во НАТО, претседателот на АНУСРМ-МАНУ, Таки Фити, потенцираше дека сите студии укажуваат на неспорниот факт дека странските директни инвестиции во земјите, кои пристапиле во Алијансата, се неколкукратно зголемени од времето додека не биле таму. Тоа, пак, значи нови капацитети, нови вработувања, нов економски просперитет.

Просечното учество во доменот на странските директни инвестиции во БДП на земјата, о периодот 2005-2015 година не беше поголемо од 3,5 до 4%, наспроти, на пример, 31% во Чешката Републиак, преку 40% во Унгарија, 18,5% во Бугарија, рече академик Фити.

Вицепрмиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, изјави дека добиле информција оти Белата куќа го испратил извештајот за ратификација на Протоколот во американскиот Сенат. Поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ го потенцираше членот 5 од Вашингтонскиот договор, дотолку повеќе што тој има исклучително значење за помалите држави-членки на Алијансата.

Од државна во национална безбедност

Осврнувајќи се на реформите во безбедносниот систем, академик Владо Камбовски нагласи дека ни претстои редефинирање од систем на државна во систем на национална безбедност.

Системот на државна безбедност подразбира безбеност на институциите како такви, безбедност на моќта, на носителите на моќта и денеска тој поим е надминат и се разви во безбедност на граѓаните од сите можни облици на загрозување, од тероризам до трговија со оружје, масовно уништување и еколошка безбедност. Концептот на реформи мора да има јасна платформа, која ќе ги координира и приближи сите степени што тој поим на флуидна безбедност ги допушта. Тоа е, пред се, безбедност на поединецот, национална или безбедност на самите институции, но институции кои ќе бидат департизирани, деполитизирани и во служба на граѓаните, човековите права и слободи, владеење на правото и развој на демократијата, рече тој.