Уште далеку пред почетокот на дводневниот самит ЕУ-Западен Балкан, што денеска започнува во Брдо крај Крањ во Словенија, на сите им беше јасно дека Бугарија нема да ја крене рампата за почеток на преговори на Македонија за членство во европскиот клуб. До сега сите притисоци од САД и земјите-членки на Унијата се покажаа како јалови обиди официјална Софија да се разубеди и да ја погледне големата слика и главниот интерес за стабилност и натамошен развој на државите од Западниот Балкан.
По нецела година од крахот на европската политика за време на германското претседателство, стана јасно дека официјална Софија направи вистинско салто мортале во приодот и кон Македонија и кон земјите-членки на ЕУ. Ако за време на владеењето на Бојко Борисов во центарот на вниманието беше историјата, со преземањето на водечката палка од страна на претседателот Румен Радев прв приоритет станаа Копенхашките критериуми, односно почитувањето на човековите права и слободи и владеењето на правото во Македонија.
Тоа се потврди и при вчерашниот телефонски разговор меѓу германскиот и бугарскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и Румен Радев. Според Радев, во дијалогот со РС Македонија, Бугарија ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската унија, кои се темелат на демократија и почитување на човековите права, а од напредокот на процесот на нашата европска интеграција корист ќе има целиот регион.
-Бугарија очекува конкретни резултати во однос на човековите права во Македонија, што ќе го забрза овој процес. Во моментов, во тек е попис во РС Македонија и Бугарија прима голем број сигнали за притисок врз луѓето, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ, потенцираа од претседателската прес -служба.
Радев истакнал уште дека бројните декларации и ветувања дадени од македонскиот државен врв кон Бугарија во текот на годините остануваат неисполнети, вклучувајќи го и билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година. И токму затоа Бугарија инсистира на правно обврзувачки гаранции во билатералниот дијалог од страна на РС Македонија.
Ваквиот став на Радев отвара две дилеми. Првата, кои и чии се ветувањата од македонска страна кон Софија, и втората, како за Бугарија ги исполнувавме човековите права и слободи за членството во НАТО, ама не и за членство во ЕУ?!, анализира Пресинг ТВ“.
Какви и чии и да биле ветувањата од македонска страна, тоа, порано или подоцна, ќе излезе на виделина, иако сега за сега работите можат само да се насетат.
Но, кога станува збор за човековите права и слободи, на површина излегуваат двојните стандарди на официјална Софија и голата уцена за прифаќање на нејзините барања, што ќе рече прифаќање од страна на Македонија на статус на втора бугарска држава.
Непобитен факт и потврдено со документи е дека човековите права и слободи на македонските или на Бугарите во Македонија биле кршени од страна на тајната полиција најмалку до 2000-та година. Отворањето на полициските досиеја говори дека тие биле обработувани по линија на „врховизам и македонски екстремизам“, а најголем притисок е вршен по атентатот на претседателот Киро Глигоров. Сосема друго прашање е колку оваа формулација може да оди заедно, зашто негацијата на македонизмот се поистоветувал со македонскиот радикализам. Или, со други зборови, по иста линија на работа на удар на тајните служби биле и македонските Бугари и самите Македонци.
Тоа што Софија сега не сака да го види е фактот дека човековите права и слободи, како и владеењето на правото беа едни од основните критериуми и за членство во НАТО. На Варшавскиот самит на Алијансата во 2016 година, лидерите на земјите-членки се согласија дека нејзина „суштинска мисија“ е „да биде неспоредлива заедница на слобода, мир и безбедност, како и заеднички вредности, вклучувајќи ги индивидуалната слобода, човековите права, демократијата и владеењето на правото“.
И како Македонија ги исполнила овие исти критериуми за членство во НАТО, но не и за членство во ЕУ?!-прашува „Пресинг ТВ“.
Следејќи ги последните настапи на официјални и неофицијални бугарски политичари, сега главното внимание е насочено кон бројките од пописот. И не случајно со средства на подземната политика и длабоката бугарска држава се инсистира на 120.000 македонски Бугари во Македонија, колку што бугарско државјанство и пасоши имаат добиено македонски граѓани. Но, бугарските желби и планови се едно, а реалноста нешто сосема друго.
Comments are closed for this post.