Јавниот превоз во Скопје не поскапува, а билетот за едно возење е нова услуга, велат од ЈСП Скопје.

Во врска со донесената одлука на последната седница на Советот на Град Скопје за изменување и дополнување на Одлуката за Интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници во градот Скопје (билет за едно возење), сакаме да појасниме дека во случајов јавниот превоз не поскапува. Не поскапува ниту една услуга на ЈСП Скопје. И натаму, пакетот билети за 10 возења чини 250 денари, валидирањето со електронски паричник чини 35 денари, валидација со мобилен телефон е 40 денари и слично, велат од ЈСП.

Според ЈСП Скопје билетот за едно возење е нова услуга, нов продукт кој треба од први ноември да биде имплементиран во постоечкиот систем за електронска наплата.

Билетот ќе биде наменет само за еднократна употреба, хартиен со вграден безконтактен чип, изработен со највисоки безбедносни стандарди, компактибилен со постоечката опрема, односно ќе се валидира безконтактно на постоечките валидатори.

Билетот ќе може да се купи во автобусите (кај возачот, и во возилата на ЈСП и кај приватните превозници), како и во билетарниците на ЈСП Скопје и секундарната продажна мрежа (маркети, трафики, тобака и слично).

Убедени сме дека со воведувањето на билетот за едно возење значително ќе се олесни користењето на јавниот превоз за граѓаните кои ретко го користат јавниот превоз или се од градовите од внатрешноста, олеснителна околност ќе биде за странци, воопшто, за сите оние кои не се во можност или не сакаат да ги користат опциите за користење јавен превоз („Скопска“, мобилен телефон), соопштија од ЈСП Скопје.