Јавното обвинителство Велес излезе со првични сознанија за синоќешната тешка сообраќајна несреќа на регионалниот пат Велес – Штип, во која во која едно лице го загуби животот, а 14 беа повредени.

Во соопштението се вели дека до несреќата дошло кога комбе управувано од 30-годишно лице од Скопје, со кое се превезувале материјали за градежништво, движејќи се во правец од Штип кон Велес, од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента. Во тој момент, во спротивната насока се движел автобус на туристичка агенција кој превезувал патници за Сончев Брег, Бугарија.

„Автобусот се обидел да избегне директен судар, движејќи се кон крајот на коловозната лента. Сепак комбето удрило во предниот дел од автобусот и се извртело целосно на спротивната коловозна лента и во спротивна насока од првобитното движење. Од незгодата на самото место починал возачот на комбето, додека 14 патници од автобусот се здобиле со повреди, вклучувајќи го и возачот на автобусот, соопшти Обвинителството.

По насоки на јавниот обвинител, подигнати се траги од местото на несреќата и издадена е наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот.

Триесетгодишен скопјанец го изгуби животот во сообраќајна несреќа

Несреќата се случила меѓу автобус марка МАН со кратовски регистарски ознаки, управуван од 37 годишник од Куманово и товарно возило „Фолксваген Крафтер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 30 годишникот од Скопје, кој починал на лице место, велат од СВР Велес.

Возачот на автобусот М.К. се здобил со тешки телесни повреди.

„Деветнаесет патници од автобусот се пренесени во општата болница во Велес, каде по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот изврши јавен обвинител и екипа од СВР Велес. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција“, информира портпаролот на СВР Велес Верољуб Додевски