Во Њујорк хотелите се преполни со лидери на држави и на влади, со дипломати и претставници на невладини организации. Речиси 200 светски делегации учествуваат на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации која официјално трае од 18 септември до 5 октомври, но главните настани почнуваат од денес со обраќањата на претседателите – најпрвин на Бразил, па потоа на САД. Настан што се споредува со доделувањето на филмските оскари во Холивуд.

Светот ќе биде насочен кон големата сала каде со свои говори ќе се обратат претседателите Доналд Трамп, Емануел Макрон…ќе се зборува за борба со туберкулозата, климатските промени, бегалските кризи, човековите права, Сирија…Сите тие имаат на располагање 15 минути. Претседателот на Република Македонија, Ѓеорге Иванов, ќе се обрати во четврток на утринската сесија веднаш по Венецуела.

Но, политиката, исто како и Оскарите, е многу поинтересна зад сцената отколку тоа што сите можат да го видат во живо на ТВ екраните или преку стриминзите. Многу поинтересни се билатералните средби на кои честопати се потпишуваат и договори. Така претставниците на Република Македонија порано добивале во Њујорк и признавање на уставното име. Овој пат со нетрпение се очекува евентуално да се слушне ставот на шефот на македонската држава во однос на претстојниот референдум. Инаку билатералките вообичаено траат по 15 минути, доволно да се заврши некоја важна работа.

Генералното собрание е главното консултативно тело на ОН и во него се сите земји-членки на организацијата.