Во текот на 2019 година Комисијата за спречување корупција и судир на интереси ќе ја проверува имотната состојба на сегашните пратеници во Собранието, членовите на сегашната како и на претходната влада и сите директори и заменици директори на јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост.

Ова денес го најави Билјана Јовановска, претседателката на комисијата која ја објави Годишната програма за работи на Комисијата.

Антикорупционерите, повикувајќи се на годишниот извештај за состојбата со човековите права на американскиот Стејт департмент , ќе го проверуваат имотот на високи претставници на правосудниот систем – тоа се Владимир Панчевски, поранешен претседател на Кивичен суд, Јово Вангеловски, поранешен претседател на Врховниот суд, Софија Лалиќиќ, судија кривичар, Александра Зафировска, поранешна претседателка на Судскиот совет и Светлана Костова, судијка во Вишиот управен суд.

На денешната седница беше објавено и дека по сопствена постапка ќе се испитува имотот и на Миле Јанакиески, на Илија Исајловски (сега вработен како советник во кабинетот на претседателот Иванов) и Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на Владата.

Под лупа и ДУП на Центар

По серијата написи за контроверзниот проект во Центар, како и медиумските информации дека е склучен договор со фирма за изведба по принципот „еден хектар за еден денар“, антикорупциска комисија отвора случај и со ДУП на Општината Центар.

Постапки за судир на интереси

ДКСК денес објави и листа на лица за кои ќе се отвори постапка за констатиран судир на интереси. Тоа се:

Љупка Јаневска, член на Управен одбор на Државен студентски дом „Доне Божинов“, Пробиштип и в.,д. Директор на ЈОУ за деца детска градинка Гоце Делчев, Пробиштип; Габриела Илиевска, член на Совет на Општина Кратово и член на УО на ЈОДУГ Царка Андреевска, Кратово; Александар Цуцуловски, член на обор на директори на АД за изградба на станбен и деловен простор од значењето за Републиката и член на УО на Државен студентски дом „Пелагонија“; Биљана Манасиева, член на Совет на Општина Виница и член на УО на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи, Виница; Џелал Абдиу, член на Совет на Општина Маврово и Ростуше и член на УО Национален парк Маврови Анови (од 2009); Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен и член на УО на ЈП Студенчица-Кичево; Славјана Михаиловиќ, член на Совет на Општина Струмица и заменик народен правобранител; Ѓорѓи Граматиков, член на Совет на Општина Дојран, член на УО на ЈОУДГ „Кокиче“, Дојран од 2014г. И член на Надзорен одбор на ЈП за комунални дејности Комуналец „Полин“ од 2013 г., Тони Мартиновски, член на Совет на Општина Бутел и в.д. директор на Управата за животна средина при Министерството за екологија; Велимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел и член на УО на Градски трговски центар од 2017г.; Богослав Лескаровски, член на УО на ЈП за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар и член на УО на Агенцијата за катастар на недвижности од 2017 година.