Долгото траење на постапките, незадоволство од судските одлуки, пристрасно, селективно, под притисок и политичка мотивираност на судиите. Ова се причините поради кои граѓаните најголема недоверба имааат во судската власт . Вакви резултати покажа најновиот извештај за степенот на почитување на човековите слободи и права за изминатата 2018 година изготвени од Народниот правобранител.

Зголемување од 60 отсто на поднесени преставки утврдени се и во врска со правата од работниот однос. Најчесто во постапките за вработување, исплата на плати, распоредување на вработените, откази, а во оваа област констатирано е дека продолжува праксата на „партиски реваншиам“ после било кои избори.

Како што кажа заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, ниту констатациите од инспекциските надзори во однос на избраните кандидати не убедиле дека на објавените конкурси за вработување се бираат лица со најдобри компетиции.

Бајрамовска-Мустафа откри и дека најголем дел од поплаките на граѓаните се однесувале на барање на заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, етничка како и мобинг на работното место. Таа додава дека во непосреден увид од страна на Народниот правобранител, воочена е дискриминација кон административните службеници во единиците на локалната самоуправа, по секоја промена на власт.

Позначителни промени од минатите години не се забележани ниту во условите за сместување на затворите, ниту во однос на здраствената заштита, исхраната, хигиенските и санитетските услови, вели Бајрамовска-Мустафа.

Генералната констатација карактеристична за сите 20 области од годишниот извештај за 2018, според Народниот правобранител, е неоправданото одложување на постапките, и во многу случаи незаконито одлучување по барањата на граѓаните.

Според податоците, Народниот правобранител минатата година постапил по 4.482 преставки, а најголем број од нив биле од областите: правосудство, работни односи, казнено и воспитно поправните установи. Од вкупно 3.743 предмети по кои се преземени дејствија од Народниот правобранител, во 900 случаи се констатирани кршења на човековите права и слободи, од кои во 647 биле прифатени интервенции.