Од вкупно 11 луѓе кои беа хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, четири деца денеска ја напуштиле болницата, меѓутоа, два нови случаи на морбили истовремено се примени на клиниката. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче кој појасни дека станува збор за деца. Едното од нив е старо 18 месеци и ја посетувало градинката „Фидани“ во Чаир каде веќе има заболени и уште едно дете од населбата Јане Сандански кое има четири години. И двете деца не биле вакцинирани.

Во однос наводите со погрешни декларации на вакцини за морбили, министерот Филипче рече дека посетени се неколку вакцинални пункта од страна на инспекции. Тоа што било заклучено е дека сите вакцини се со добар рок и квалитет, од оригиналниот производител, меѓутоа на одреден дел (1% од вакцините) биле залепени декларации со постар датум а се однесувале на некоја постара серија која компанијата ја увезла во земјава.

Министерот Филипче рече дека тука работата не завршува, туку напротив, ги повика Агенцијата за лекови и медицински средства „Малмед“ но и Здравствените домови кои извршиле прием на овие вакцини да се види како можело овој пропуст да се случи. Истовремено од страна на Малмед ќе биде направена и инспекција во компанијата.

Министерството за здравство ја разгледува можноста за одземање на дозволата за увоз на лекови на „Македонијалек“ за раскинување на веќе потпишаните договори со оваа фирма или, пак, можноста да ѝ се изрече забрана за увоз доколу се утврди дека направената грешка можела да се превенира.

На прес-конференцијата се обрати и директорот на МАЛМЕД, Ќахил Ибраими, кој кусо кажа дека работат на случајот со погрешните датуми. Уверуваше дека се работи за исправна вакцина, но погрешна налепница и најави дека ќе постапат согласно со законот.