Повеќе високи дипломати од земји членки на ЕУ за МИА потврдија дека  Македонија речиси сигурно ќе биде блокирана од страна на Бугарија на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа денеска да ги разгледуваат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи.

Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ.

– Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со  Македонија оваа година поради ветото на Бугарија, вели за МИА дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за  Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.