НАТО заштитува, обединува и зацврстува. Денеска имавме прилика да видиме како овие три цели и задачи на Алијансата навистина се случуваат и пред наши очи. Видовме како со членството во НАТО Македонија е посилна и позаштитена, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по демонстрацијата на изведување на Мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Македонија.

 

Со ова, посочи Шекеринска, нашиот воздушен простор целосно се приклучи во НАТО воздушното патролирање и можеме да кажеме дека безбедноста на нашето небо е дел од НАТО безбедноста.

– Ова е можеби еден од највидливите резултати од нашата стратешка цел – членството во НАТО. Алијансата веќе 72 години гарантира безбедност на огромен број граѓани на Северноатлантската област. Во последните 60 години таа гаранција за безбедноста на граѓаните е пренесена и на небо, со функционирање на „air policing“ Мисијата на НАТО. Сега и ние се приклучуваме на таа мисија, изјави Шекеринска.

Успеавме, нагласи Шекеринска, во најкус период да ја завршиме воената интеграција со НАТО и продолжуваме да го зголемуваме нашето одбранбено екипирање и нашиот придонес во регионалната безбедност.

Командантот на НАТО центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака, по завршување на настанот рече дека „air policing“ Мисијата на НАТО одбележува 60 години и дека таа е основата на Алијансата во остварувањето на своите заеднички цели.

– Ова им овозможува на сојузниците да работат заедно за гарантирање на безбедноста на воздушниот простор, сега вклучително и на небото на Македонија. НАТО авионите кои денеска ги гледате тука се пример за тие што 24/7 го гарантираат нашиот мир, стабилност и просперитет на сите граѓани, изјави генерал потполковник Де Ла Круз.

Со овој настан се одбележа официјалното вклучување на воздушниот простор на Република  Македонија во системот на воздушно патролирање на НАТО