Управниот одбор на Градежната комора денеска едногласно одлучи да не ја повлекува поднесената иницијатива за оценување на уставноста на мораториумот за градење во општина Центар.

Претседателот на комората Ивица Јаќимовски во изјава за медиумите појасни дека иницијативата е резултат на тоа што во изминатите 15 месеци не успеале да остварат соработка со општина Центар за да ги достават аргументите, но и дека ниту во Законот за просторно урбанистичко планирање, ниту во Уставот, не постои терминологија мораториум и запирање.

Секој закон престанува да важи со носење на нов закон, секој закон може да се измени и дополни во Собрание. Тоа што значи генерален  урбанистички план е устав во секторот, а тоа што значи детален урбанистички план е закон во градежништвото“, рече Јаќимовски.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ вчера упати апел до градежната комора со барање да ја повлечат иницијативата доставена до судот и да дозволат да се спроведат измените кои ќе бидат во корист на сите засегнати страни, пред сè граѓаните.

На иницијатива на Градежната комора и Стопанската комора на Северозападна Македонија, Уставниот суд одлучи времено да го укине мораториумот за градба во Центар до носење на конечната одлука за неговата уставност.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера изјави дека каква и да е, одлуката на Уставниот суд таа мора да се спроведе.

Со мораториумот воведен на крајот на 2017 година беа запрени постапките за издавање одобренија за градење во урбанистичко-планските документации од деталните урбанистички планови.