Членовите на бугарскиот дел од Заедничката македонско-бугарска комисија за прашања за историјата и учебниците се уште не го доставиле предлог-дневниот ред за претстојната седница закажана за 12 и 13 септември во Софија. За разлика од минатиот пат кога тоа за прв пат го сторија по дипломатски пат, сега, по се изгледа, се презафатени со нивната прослава на годишнината од Обединувањето-6 септември, на кнежевството Бугарија со Источна Румелија.

На последната средба во Скопје страстите се разгореа околу ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев и датумот на кој би можел тој заеднички да се чествува. Бугарската страна се почувствува „погодена“ од предлогот тоа да биде 7 октомври, денот кога фактички почнува македонско-бугарската соработка на двете современи држави со префрлањето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје.

Средбата во Софија, во основа, треба да биде показател дали Заедничката комисија ќе продолжи со својата работа по диктат на политиката, што пред се доаѓа до израз од бугарска страна. А, за тоа најдобар показател е фактот дека откако бугарската политичка елита на чело со премиерот Бојко Борисов „даде наредба“ прашањето за Делчев и Илинденското востание да биде решено до октомври, а најдоцна до крајот на годинава, шефот на бугарската комисија Ангел Димитров веднаш „го послуша“ и побара вонредна средба на историчарите во текот на летово, што од македонска страна беше одбиено.

Засега е извесно само дека на претстојната средба во Софија повторно ќе се разговара за нашите учебници по историја за 5 и 6 одделение и за нивниот за 7 клас. А, дали и во кој контекст Гоце Делчев ќе биде на дневен ред не се знае, уште помалку во кој правец евентуално би се движела дискусијата доколку дојде до тоа. Пресинг Тв, неофицијално, дознава дека позициите на македонскиот дел од комисијата од кои ни случајно нема отстапување се дека Гоце Делчев е движечка сила во македонското ослободително движење и е длабоко вграден во македонската државнотворна идеја, а како таков и во колективната меморија на македонскиот народ. Или, тој може да се вреднува единствено според каузата за која се залага, а тоа е македонската. Во овој контекст, неприфатлив е евентуален обид за дебата за неговата национална или етничка припадност.

Одредувањето рокови за затварање на споменатите рокови, на што, барем засега, инсистира Борисов, е исто така неприфатливо, а уште помалку политичките условувања околу почетокот на преговорите за членство во ЕУ или НАТО. Зашто, тоа ни случајно не е во согласност со досегашните европски позитивни искуства и практики. И токму ова било предочено од страна на двајца германски историчари, кои биле ангажирани од македонската Влада, што внело извесна доза на сигурност кај членовите на македонската комисија.

Делчев и грижата за Македонките

Од собраните писма, што Гоце Делчев ги пишувал до своите соработници, едно привлекува посебно внимание, зашто во него тој не ги заборава Македонките. Писмото, што важи за најдолго, е напишано на 17 октомври 1895 година и е испратено до Ефрем Каранов, претседател на Македонското друштво во Ќустендил. ВО него Делчев, меѓу другото, пишува:

…Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себе си и другите…Ако востанието може да се крене со 1-40 души, тогаш Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Но, бидејќи тоа е невозможно, туку треба народ, тогаш што треба да се прави? Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, што Македонецот го направил доста дебел за свеста за човечките правдини. И тоа, ако не целиот народ, барем дел од него… Ако тоа не се случи и се крене востание, жално ќе биде за народот, тешко и горко за виновникот. Жално е, зашто напразно ќе се изгубат најмладите сили (едни по зандани, други на бесилки), невини Македонки ќе се остават на самоволието на скотските и жестоки страсти на дивјаците и најпосле, под јатаганот на азијатот ќе останат 5-годишни деца и 70-годишни старци и за сето тоа виновникот ќе биде одговорен и пред својата совест, и пред народот, и пред историјата…

Зошто партизаните се бореле со фотографии со Гоце?

Во книгата „Британски воени мисии во Македонија 1942-1945“ приредена од проф. Тодор Чепреганов, поместена е радиограма од полковникот Едмондс, член на британската воена мисија во делот на Македонија под Грција, до Каиро, од 14 март 1944 година. Во неа стои:

231 од 14 /март/ од Едмондс. ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, повторувам ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ се смета за херој меѓу ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ МАКЕДОНЦИ и многу од нив носат мали фотографии на нивните гради.