Со референдумот од 8 септември 1991 година и серијата декларации донесени од Собранието на Македонија, Република Македонија беше етаблирана како независна и суверена држава, а истовремено беше јасно и недвосмислено истакната определбата на македонскиот народ  за сопствена државност и за влез во Европската Унија и НАТО.

Ова го истакнаа пратеници од првиот состав на Собранието на Македонија, коишто истакнаа дека го поддржуваат референдумот на 30 септември. Тие ги повикаа граѓаните в недела да излезат и да гласаат „За“ , со што ќе направат вистински чекор, во вистинско време.

Во овој повик до граѓаните свое учество имаа и пратеници, членови на ВМРО ДПМНЕ, коишто истакнаа дека ставот на нивната партија е секој да одлучи дали и за кого ќе гласа, но нивниот личен став е дека договорот со Грција треба да се поддржи.

Причината е што тие веруваат оти е тешко веројатно во Грција да се создадат услови за постигнување подобар договор

Првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, изјави дека со позитивен одговор на референдумското прашање ќе се гласа и за засилување на единството меѓу сите националности во Република Македонија.

Пратениците од првиот состав на Собранието, истакнаа дека во 1993 година Македонија морала да ја прифати референцата БЈРМ заради прием во Обединетите Нации и дека нема да биде грешка сега да го прифатиме договорот со Грција, што ни се поставува како услов за продолжување кон членство во ЕУ и во НАТО.