Парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ на германската канцеларка Ангела Меркел ја повикува македонската опозиција да гласа во полза на уставните измени, со што се отвора патот на земјата кон НАТО и ЕУ.

Во спротивно, им порачува, ќе бидат политички одговорни за блокирањето на овој пат на Македонија и на долг рок ќе придонесат за изолација на земјата. Тоа истовремено ќе се одрази и на можноста за почнување преговори за пристап во ЕУ кон средината на идната година, велат од парламентарната група на германската владејачка коалиција.

Заменик претседателот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ, Јохан Дејвид Вадефул вели дека иако потребниот цензус од 50 отсто излезност не беше постигнат, одлучувачко ќе биде гласањето во Собранието.

– Со преку 91 отсто од гласовите „за“, гласачите во Македонија се одлучија за европскиот пат и пошироките ЕУ и НАТО перспективи на нивната земја. Парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ жали што само 37 отсто од гласачите учествуваа на референдумот за промена на името и поради тоа цензусот не беше исполнет.

Во секој случај, референдумот не е обврзувачки. Одлучувачко е потребното двотретинско мнозинство за уставните измени и промената на името ќе биде постигната со гласање во Собранието, вели тој.