Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, во рамките на европскиот политички самит на ИРИ, оствари поголем број на билатерални средби, меѓу кои со Дитмар Халпер, директор на политичката академија на Австриската народна  партија,  кој  е дел од Австриската  народна  партија (ЕПП), информираа преку соопштение од партијата.

На средбата Ѓорчев се заблагодари за поканата за учество на самитот и можноста да се споделат искуствата помеѓу двете сестрински партии, а ваквата соработка и размена на искуства ќе продолжи во наредниот период, стои во партиското соопштение за средбата.

Ѓорчев се сретнал и со Роменд Пелфер, политички директор на Австриската народна партија.

На средбата стана збор за билатералната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Австриската народна партија, која оствари големи успеси под раководство на актуелниот партиски лидер Себастијан Курц, кој е актуелен канцелар на Австрија.

Остварил средба и Иан Картер, политички директор на Конзервативната партија од Велика Британија.

На средбата стана збор за долгогодишната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Конзервативната партија, која што трае 25 години. Ѓорчев го запозна соговорникот со најновите политички случувања во Македонија, а Картер се осврна на меѓународната соработка и иницијативи на Конзервативната партија, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на вчерашниот ден, Ѓорчев оствари средба со програмскиот директор на ИРИ  за Европа, Тиболт Мезгре. На европскиот самит на ИРИ учествуваат претставници на партиите и експерти од САД, Велика Британија, Франција, Полска, Чешка, Романија, Словенија, Австрија и други земји.