Иако на вчерашната седница на Владата, немаше законски можности за имплементирање на препораките на Комисијата за заразни болести од минатата недела, министерот Венко Филипче денеска изјави дека во овој момент нема потреба од други дополнителни мерки и рестрикции освен препораките од минатата недела.

Како што истакна тој мерките како што се носење маска и на отворено, забраната на собир на повеќе од 4 лица во домашни услови или по парковите и на јавните простори по 22 часот, се мерки кои се имплементираат насекаде во светот моментално и на тој начин се смета дека ќе помогнат да се намали бранот со кој сега се соочуваме.

Од формално правен аспект треба да се промени законот, заради тоа што сите овие мерки вклучително и носење на лична заштитна опрема на отворено се регулираше со уредба со законска сила која се донесе при крајот на вонредната состојба. За да може ова да се спроведе и за да може институциите да го контролираат иако не се спроведува да го санционираат мора да се направи законска измена. Најбрз начин е да се интервенира амандмански во Законот за заштита на населението од заразни болести кој е веќе во собраниска процедура, рече Филипче.