Во интервју кое за Прес24 на 28 декември 2020 година го дадоа двајца членови на работната група за реформи во основното образование, се откри дека во процесот биле консултирани и историчари чиј идентитет е таен.

На прашањето на Прес24 дали биле вклучени историчари во Комисијата која работи на оваа реформа, членовите на работната група, професорите Виолета Петроска-Бешка и Кирил Барбареев одговорија дека „за истражување на можноста за интеграција на природните дисциплини и општествено-хуманистичките дисциплини, беа формирани консултативни групи составени од советници од Бирото за развој на образованието и, секако, историчари од академската заедница и од наставната пракса, па понуденото решение е продукт на заеднички изградените ставови“.

Поминаа речиси три недели од интервјуто на двајцата професори, но имињата на консултираните историчари сè уште се обвиени со тајност.

Кои се тајните историчари што биле консултирани при подготовката на Концептот на министерката Царовска?

Речиси сите историчари од академската фела што се изјаснија за понудените реформи, истапија против новиот Концепт на Царовска.

Професорите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје едногласно и решително го отфрлија понудениот Концепт и побараа од надлежното министерство и од Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.

Слично се изјаснија и голем број членови на Институтот за национална историја (ИНИ), кои испратија писмо до министерката Царовска од која побараа да го запре укинувањето на предметот историја.

Сепак, меѓу потпишаните на писмото од ИНИ не беа и неколку имиња на историчари, меѓу кои и двајца членови на Комисијата за историски и образовни прашања со Република Бугарија, од кои еден е ко-претседател на Комисијата и истовремено и директор на ИНИ Драги Ѓорѓиев, а вториот го сподели своето мислење за реформата само на социјалните мрежи.

Професорот Петар Тодоров од ИНИ напиша на социјалната мрежа Facebook дека: „Тој концепт е познат во образованието и предвидува интегрирање на повеќе предмети во еден. Историјата не може целосно да се разбере, ако не се учи заедно со географија, социологија и други дисциплини“.

Дури и откако останатите историчари изразија несогласување со ваквиот став. Наместо да се фокусира на укинување на предметот историја Тодоров продолжи да го брани Концептот самиот спинувајчи дека се види дебата за укинување на историјата иако никој не дебатира за тоа:

„Значи не се брише историја. Се оди на пристап со кој на децата ќе им се објасни сегашноста и како историјата, географијата, религиите ја оформиле и/или влијаеле на сегашноста“ и „дека Концептот е брука не се сложувам. Мислам дека аргументите ќе немало историја… се мало спинување“.

Тодоров смета дека не треба да се инсистира на тврдењето дека предметот историја се укинува, бидејќи, како што пишува: „историјата, заедно со другите предмети, се интегрира во еден предмет.“

Со оглед на тоа што Тодоров е засега единствениот историчар од академската фела што го брани Концептот, а воедно и не се потпишал на писмото од неговата матична институција (ИНИ) со кое се побара да се запре укинувањето на предметот историја, се поставува прашањето дали е можеби токму тој тајниот историчар од академската фела за кој зборуваат креаторите на Концептот?

Имајќи предвид дека професорот Тодоров е член на Комисијата за историски и образовни прашања со Република Бугарија, а министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов, укажа дека едно од барањата на неговата влада е промена на македонскиот образовен систем и историските учебници, останува да се разјасни дали интеграцијата на историјата со група други предмети претставува внатрешно институционално решение во содејство со надворешни желби и притисоци?