Со пораката census.stat.gov.mk албанскиот премиер Еди Рама го пречека денеска првиот вицепремиер Артан Груби, кој престојува во работна посета на Тирана.

Како што соопштија од кабинетот на Груби, тој му се заблагодарил на Рама за „братскиот прием, но и за неговиот придонес уште од заедничката изјава на албанските партии што резултираше со големи достигнувања“.

На средбата Груби кажал дека меѓу двете земји немало и нема ниедно отворено прашање, напротив, „скоро сите успеси ни се заеднички, и чекорот кон членството во НАТО и дури сега патот кон интеграцијата во Европската Унија“.

Груби и Рама разговараа и за спорот што во последните месеци се реактуализира меѓу  Македонија и Република Бугарија, при што се согласија дека проблемите и отворените прашања меѓу соседите треба да се надминат само преку дијалог“, се наведува во соопштението.

На средбата се разговарало и за Коридорот 8, проект кој, според Рама е приоритет на албанската Влада бидејќи е во интерес на земјата, но и на целиот регион, а Груби информирал дека во Македонија се работи на завршување на изградбата на овој коридор.

Во однос на попишувањето на дијаспората и Груби и Рама изразиле задоволство бидејќи за помалку од еден месец повеќе од 130.000 луѓе одговориле позитивно на поканата за регистрација.