Со почетокот на изборната кампања се почесто се поставува прашањето што ќе се случи доколку пропаднат изборите и не се избере претседател и кој во тој случај ќе биде на чело на државата.

Спикерот Џафери денеска ја објасни процедурата-во таков случај претседателот на Собранието го заменува шефот на државата до избор на нов претседател.

Што всушност тоа значи? Доколку на 5 мај не се постигне потребниот цензус од 40 проценти од запишаните гласачи во Избирачкиот список што излегле на гласање, по 12 мај кога му завршува последниот ден од мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов, в.д претседател на државата станува претседателот на Собранието.

Со тоа Талат Џафери ќе добие целосни овластувања да ја води државата и да потпишува закони. Тој дури и ќе може да води седници на Собранието, но нема да може да гласа.

Според Уставот тоа може да трае шест месеци во кои мора да бидат одржани изборите, но доколку и на тие избори не биде избран претседател Џафери останува на функцијата се додека не биде избран шеф на државата.

Ја морам да ги распишам изборите минимум 70 а максимум 90 денови пред нивното оддржување. Дотогаш претседателот на Собранието ги врши сите функции до изборот на нов претседател на државата. Но, треба и да се води сметка и за периодот кога се распишуваат изборите, да не биде среде лето бидејќи тогаш сите мислат на одмори а не на гласање, објасни Џафери.