Независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ денеска во Собранието оствари едночасовна средба со работната група на Советот на Европската Унија за Западен Балкан/ Проширување – КОВЕБ/КОЕЛА.

Како што истакнуваат во соопштението, на средбата пратениците искажале силни очекувања дека во јуни ќе бидат отворени пристапните преговори кон ЕУ, а дека нивната заложба и посветеност кон реформските процеси и понатаму останува приоритет.

Како што истакнуваат од независната пратеничка група, од страна на работната група на Советот на ЕУ за Западен Балкан, добиле признание за нивната досегашна работа и охрабрување да продолжат во тој правец.

„Низ интерактивна дебата отворивме низа важни прашања за актуелната политичка ситуација и идните предизвици за македонското интегрирање во европското семејство, кадешто е нашето место, велат од групата независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија.