Поимите Македонец и македонски, согласно членот 7 од Преспанскиот договор, различно ќе се толкуваат и ќе имаат различно значење во Република (Северна) Македонија и во Грција. Притоа, не станува збор за поделен идентитет, туку за клучни концепти на спогодбата каде што двете држави прифаќаат и разбираат дека нивното разбирање на термините  Македонија и македонски  се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство. Со други зборови, ќе има два типа Македонци-Македонец од Република (Северна) Македонија и Македонец од Северна Грција.

Случајно или не, по видео-обраќањето на франускиот претседател Емануел Макрон во кое тој објасни дека македонските граѓани на 30 септември, всушност, треба да се изјаснат дали го прифаќаат новото име на државата Република Северна Македонија, а неговиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, ни доразјасни дека треба да избираме меѓу Северна Македонија или Северна Кореја, стана актуелно интервјуто на премиерот Зоран Заев дадено по европскиот самит во Софија за „Еуроактив„.

Во него, премиерот, меѓу другото, изјави:

-Не бараме веднаш да станеме  членка на ЕУ. Ние би сакале да ни се даде шанса да ги спроведеме преговорите за полноправно членство во ЕУ, сеќавајќи се дека има земји што ги спровеле преговорите за пристап, но не станале членки на ЕУ, како што се нордиските земји. Но, во овој поглед, претседателот Макрон веројатно не можеше да остане нетрогнат од големите решенија што ги пронајдовме меѓу Македонија и Грција, кои ги надминуваат поделбите и идентитетот и го наоѓаат решението со признавање на македонскиот народ со хеленистичко потекло и македонскиот народ без хеленистичко потекло.

Со сите огради околу преводот или контекстот, владиниот портпарол Миле Бошњаковски е дециден дека премиерот не мислел на народ, туку на граѓани и оти не постои друго толкување од тоа што стои во членот 7 од спогодбата со Грција. Иако со неколкумесечно задоцнување, сепак, со ваквото дообјаснување работите стануваат појасни. Зашто, просто е несфатливо еден народ, без разлика дали станува збор за Словени, Македонци, Бугари, Славофони, Славомакедонци или, пак, антички Македонци, па ако сакате и Грци, антички или не, туку така да се дели на народ со хеленистичко потекло и без хеленистичко потекло.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на вчерашната средба со новинарите (до)објаснувајќи го членот 7 изјави:

-Кога ќе кажете во Грција и во смисла на регионална припадност и во смисла на културно наследство, кога Грк во Солун или во Атина ќе каже ама и ние сме Македонци, и јас сум Македонец, мислат на друг концепт и тоа го кажува членот 7. Кога ние ќе кажеме јас сум Македонец мислиме на нашиот државно-правен и историски наратив.

Според него, во нашиот наратив клучни се 1903, 1944 и 1991 година, а од истиот член произлегува и македонската етничка припадност.

-Никој не може нас, во 21 век, да ни го спори правото на самоидентификација. Во договорот нема ниту еднаш придавка северномакедонска, северномакедонски итн. Има само Мацедониан, односно Македонци. Името на државата, дистинскцијата меѓу нашата Македонија и нивната Македонија е со географската одредница Северна. Таа географска одредница  не може нас да не смени кои сме, изјави  Димитров.