„Додека чекавме подобри услови, нашите желби скапаа“, порачаа студентите од центарот на Тетово на денешниот протест против корупцијата во високото образование, како и за подобрување на условите за студирање. На раководствата на универзитетите и на властите им порачаа дека ќе останат на улица, а протестите ќе се шират и во другите градови се додека не се исполнат нивните барања без дијалог.

Ние живееме во демократија, но не гледаме дека има демократија во оваа држава бидејќи студентите немаат право да кренат глас , истакна еден студент.

Според одредени медиуми на албански јазик, се очекува протестите наскоро да се прошират и во Скопје. Дел од нив истакнаа дека се соочувале со притисоци. Неколку пати им беше хакирана и страницата на „Фејсбук“.

Студентскиот протест, организиран преку социјалните мрежи, беше најавен како борба против корупцијата, дискриминацијата, плагијаторството и партизацијата на образованието.

Студентите упатија 13 барања до надлежните институции, а меѓу првите се отстранување на надоместокот од 50 евра за задолжителната двомесечна пракса, намалување на партиципацијата за странски студенти за 50% и отстранување на трошокот од 100 евра за повторен упис Универзитетот.

Меѓу барањата се и укинување на задолжителната професионална екскурзија која сами си ја финансираат, или да им ја плаќа факултетот, а револтирани се и од тоа што професори ги условуваат да купуваат нивни книги, за да добијат потпис. Бараат подобро опремени кабинети за настава, но и објавување на статутот на Универзитетот и евалуацијата што ја прават студентите  за професорите на веб-страницата на универзитетот.