Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за набавка на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, потврди денеска претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

По изнесените информации во медиумите, денеска на нашиот колегиум отворивме предмет сметајќи дека има доволно елементи за истражување на причините за набавката на тој софтвер, од една страна и од друга страна причината зошто тој се уште не е во употреба. И, она што беше ризично од наш аспект, несоодветната комуникација меѓу институциите и отсуството на системски пристап за утврдување на потребите. Тоа беа основните елементи по кои ние постапивме и по сопствена иницијатива, а по допрен глас од медиумите отворивме предмет, објасни Ивановска, одговарајќи на новинарско прашања по заедничкиот увид во новите простории со вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.

Согласно процедурата, нагласи таа, прдеметот ќе биде распореден на еден од членовите и тој понатаму ќе ги бара сите потребни информации за утврдување на состојбите.

Кога ќе бидеме готови со целото истражување, пред јавноста ги изнесуваме нашите резултати, изјави Ивановска.

Вицепремиерот Љупчо Николовски, најави дека Владата денеска ќе ги соопшти сите детали, факти и аргументи за целокупениот случај.

Премиерот даде одговор. Нема после премиерот да коментирам. Дадена е насока од премиерот да се истражи, сите информации и детали денеска од Владата и Генералниот секретаријат ќе бидат соопштени.

Медиумите транспарентно ќе ги добијат сите информации, изјави Николовски.