Дали Рашковски си го купил сопствениот софтвер за кој Владата платила 81 илјада евра?. Ова прашање се наметнува со најновиот скандал со поранешниот Генерален секретар на Владата со опрема  која носи назив „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“,.

Рашковски веќе три години има патент  со  истото име: „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“.  Дали е ова случајно или намерно треба да одговори самиот Рашковски!.

Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата на Зоран Заев, во јануари годинава јавно објави диплома на ФБ. Дипломата, наградата за Драги Рашковски е златен медал од „Глобален форум за иновации“ во Кипар за негова иновација во областа на транспортот и сообраќајот, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој посочи дека наградениот проект на Рашковски „Сообраќаен контролен систем за возила и апарати, определување на просечна брзина и казни“.

Според кусото експозе напишано од Рашковски при конкурирањето, а објавено на страната на Форумот, Рашковски е иноватор на интегриран систем од хардвер и од софтвер, за мерење на просечната брзина на возила, работи на соларна енергија, а е поврзан со ГПС. Системот ги чита и следи табличките на возилата, ја мери просечната брзина, по што системот генерира казни за сопственикот на возилото. На пополнетото експозе при конкурирање стои датум фебруари 2020-та. Внесен е и бројот со кој што е патентирана иновацијата, со датум на патентирање од 14 март 2018 година, со целосно поседување на правата на Драги Рашковски. Драги Рашковски од позиција генерален секретар на Владата, од ноември 2019 година до февруари 2020 година, води процедура за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци – односно за софтвер за систем за автоматско генерирање на казни за сообраќајни прекршоци. Да потсетам, тоа е систем со исти цели за каков што Драги Рашковски има добиено златен медал за иновација, нагласи Стоилковски.

За набавка на системот Владата ѝ платила околу 81 илјада евра на фирмата „Инвока гроуп“ која  е формирана на 14 јуни 2017 година, две недели по доаѓањето на СДСМ на власт и девет дена по именувањето на Рашковски за генерален секретар на Владата.