Осум од девет приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за нарушување на Изборниот законик во кампањата за претседателските избори беа одбиени денес на јавна седница од Државната комисија за спречување корупцијата (ДКСК). Единствено е прифатен нивниот приговор кој се однесува за користење на простории на Општината Шуто Оризари за кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски. Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси изричито забранува организирање политички собир на кандидат за претседател во просториите на Општината Шуто Оризари.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговори за објавување јавни огласи за вработувања во ек на кампања, односно тој објавен од А.Д. Водостопантсво. Тоа претпријатие објави оглас за 116 вработувања, но во писмениот допис во ДКСК се наведува дека е тоа сторено зашто станува збор за неопходно вработување на сезонски работници. Притоа се наведени и аргументите дека станува збор за чувствителен сектор кој управува со водите, канали, мрежи за наводнување, и огласот е објавен во период кога се извршуваат неопходни активности. ДКСК ги прифати нивните аргументи, а го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, поднесен од генералниот секретар Игор Јанушев.

Одбиен беше и приговорот поднесен за Општината Карпош заради реконструкција на улицата Јуриј Гагарин во Козле, во време на кампања. Но, Општината образложила дека таа не е нов проект, туку дека се врши реконструкција согласно претходно утврден план и буџет, што ДКСК го прифати.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговори и за два проекта на Град Скопје, за кои, исто така смета, дека го кршат изборното законодавство и законот за корупција. Едниот е за субвенционирањето на велосипеди, за кои од Градот велат дека е проект од посебен интерес за заштита на околината, а како дополнителен аргумент наведоа дека до сега не е донесено ниту едно решение за исплата на субвенции, односно не е исплатен ниту еден денар од градската каса.

ДКСК го одби приговорот, но не го затвори случајот, туку него го испрати да биде во надлежност на јавниот обвинител кој е должен во рок од 30 дена да утврди дали во конкретниот случај станува збор за обид за поткуп на гласачите.

Антикорупционерите го отфрлија и приговорот за субвенционирањето на еколошки грејни тела (инвертери на пр.), за кои подносителот смета дека е прекршување на законите, но ДКСК не постапи како во случајот со велосипедите, туку го затвори случајот прифаќајќи ги аргументите дека станува збор за претходно утврден проект за кој се потребни процедури од 1-2 месеци. ДКСК го затвори случајот со напомена дека не се потврдени наводите изнесени во приговорот.

Отфрлен е и приговорот за Општината Центар и нивниот проект за социјална заштита (банка за храна). Во рамки на тој проект во време на кампањата биле поделени 115 социјални пакети, но утврдено е дека станува збор за партнерство меѓу Општината, невладината организација Храна за сите“ и „Стокомак“.

Шилегов:Приговорите се со политичка заднина

За јавниот оглас за велосипедите градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов рече дека станува збор за стандарден оглас, како редовна активност на градот. Тој рече дека одговорно тврди дека до сега нема исплатено ниту денар.

Отворени сме за соработка со надлежните институции. Вториот случај е новина, знаевме дека ќе навлеземе во изборниот период, затоа на граѓаните јасно им  е кажано дека било каква исплата ќе биде донесена по изборите. Еден куриозитет – и за едната и за длуката одлука за објавување на јавни повици гласаше и советничката група на подносителот на приговорот.Лично мислам дека приговорот не се поднесува заради правен проблем, туку е политичко поднесување приговори, за да се направи политичко алиби за очигледниот дебакл кој ќе го доживеат на претседателските избори“, рече Шилегов.