Бугарија поради македонскиотјазик и македонската историја одлучи да ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ. Во ексклузивно интервју за N1 потпретседателот на Владата, Никола Димитров открива што е позадината на овие барања и како гледа на иднината на европскиот процес на Македонија, но и на остатокот од регионот.

Зошто Бугарија ја блокира Македонија на патот кон ЕУ?

Ова е прашање веројатно посоодветно за претставник на Бугарија, меѓутоа се разбира дека можам и јас нешто да кажам околу ова. И во самото прашање ја употребивте придавката ваш јазик, ваша историја. Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на внатрешните работи, на суверенитетот на една држава бидејќи е израз на правото на самоопределување, и во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава има било каква правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа. Многу е тешко за нашите граѓани да разберат, па и за мене искрено кажано, како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапни преговори за интеграција со една унија каде што јазичната различност е една од фундаменталните, една од темелните вредности. Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, кои што за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков јазик… каков мајчин јазик зборувате или не зборувате тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла се соочуваме со еден сериозен предизвик. Ние имаме комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, со Софија, и идејата беше историјата нека ја разговараат историчарите, а политиката да работи на денес и на подобро утре. Ние на Балканот имаме многу богата историја, меѓутоа како што често вели еден мој пријател: „убаво би било таа историја да биде учител, а не затвор“. И во таа смисла овие билатерални прашања се важни, работата на комисијата за историја е важна, ние во овие денови работиме, имаме отворено билатерални канали за да најдеме излез од ова прашање, меѓутоа решението не може да влијае врз нашето право на самоопределување. Македонскиот идентитет е резултат на еден историски процес и едноставно ние како политика не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме. Истовремено мислам дека е важно, оти го начнавте и тоа, ова е една лоша порака за целиот регион. Ние добивме чисто зелено светло во март. Во оперативниот параграф на одлуката за почеток на пристапни преговори од Европскиот совет, нема услови за нашата Македонија, за Северна Македонија, и во оваа смисла, многу лошо е бидејќи на некој начин невозможноста да се постигне консензус испраќа порака дека кредибилитетот на Европската Унија не е таков каков што би сакале да биде. Европската Унија за овие прашања одлучува со консензус, како што спомна германскиот министер за европски прашања кој што го води телото за општи работи (ГАК) Михаел Рот, сите држави освен една (Бугарија) – го поддржаа почетокот на пристапните преговори и првата меѓувладина конференција во декември, напорите уште продолжуваат. Меѓутоа ние немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак имаме намера да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет. Тие две работи се комплементарни и ќе продолжиме да работиме на тој пат. Ние изгубивме генерации чекајќи околу проблемот со Грција, потоа имавме две години со француската иницијатива да направи нова методологија на процесот на проширување, на пристапниот процес, и сега го имаме овој предизвик. Ќе биде лошо ако целата енергија ја посветиме на чекање. Мислам дека би сакале се разбира да успееме, меѓутоа ако не успееме ќе ја искористиме добрата волја во многу европски главни градови, ќе ги повикаме земјите членки да ни помогнат и ќе направиме една реформска агенда за да бидеме во добра кондиција тогаш кога ќе се променат околностите кон подобро. Немаме многу време, мислам дека немаме многу време не само кај нас, туку во целиот регион. Единствено решение младите луѓе да не ни одат во европски држави е нашите држави да ги направиме европски и мораме на тоа да работиме забрзано, немаме многу време, на некој начин сме во трка со времето во оваа смисла.

Во продолжение Димитров потенцира дека има отворено канал, билатерален, со Софија каде се обидуваме да најдеме излез од ова решение.

Истовремено сме во контакт со Европската комисија, со германското претседателство, со Берлин, и со многу други земји членки бидејќи прашањето беше ставено на маса, на европската маса, од страна на Бугарија, иако, како што многу од нашите европски пријатели велат: „овие билатерлани прашања треба да се решаваат билатерално, не треба да го држат во заложништво целиот пристапен процес“. Така што работиме и на двата канала, и на билатералниот канал, и тука се обидуваме да најдеме излез од ова, и на европските да речеме земји членки, претседателството и Европската комисија. Ние почнавме многу голем процес со Бугарија преку договорот за пријателство, нивното претседателство помогна многу да се врати процесот на проширување на агендата на Европската Унија. Тие одржаа самит 15 години после самитот во Солун, во Софија во мај 2018 година и на некој начин тој влог е исто така под знак прашање. Сето тоа што го постигнавме заедно сега е соочено со еден ваков предизвик и јас сум убеден дека е можно достоинствено и европско решение и ние да бидеме победници, и Европа да биде победник, и регионот да биде победник, и наша соседна Бугарија да биде победник.

Димитров потенцира дека еден од аргументите е дека ние сме сојузници, формално од март годинава ние сме рамноправна членка на НАТО и оттука сме блиски сојузници и со соседна Бугарија.

Нашиот јазик, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не е закана за никого, за ниту еден сосед, ние не се мешаме во јазиците и во идентитетите на било кој друг, 2020 година сме, во Европа сме, 21 век, дискусијата на државите би требало да се одвива во рамката на тоа што е пристојно, во рамката на меѓународното право, на европските вредности. Зборуваме многу за заедничка историја, за заедничко минато, меѓутоа треба да работиме и на заедничка европска иднина. Кога седите на масата, се разбира позицијата ви е посилна. Ние седиме на масата на НАТО и тука сме рамноправни, нормално дека во преговарачката позиција на Софија таа има подобра ситуација бидејќи е членка на ЕУ, меѓутоа суштински и долгорочно мислам имаме многу блиски интереси. Сакаме да бидеме пријатели, сакаме да имаме плодна економска соработка, мислам дека Бугарија има интерес од европеизација на своето соседство, на регионот каде и тие се дел на да речеме поширокиот регион на Балканот или Источен и Западен Балкан, така што порано или подоцна мислам дека ќе најдеме заеднички јазик. Во крајна линија, македонскиот и бугарскиот јазик се блиски и тоа би требало да ни помогне да се разбереме подобро, а не токму јазиците да бидат предмет на неразбирање.