Изјавата на премиерот Зоран Заев дека бугарската војска ги ослободила Куманово, Крива Паланка, целиот овој регион о Скопје предизвика бура од реакции во јавноста, впрочем како и целото негово интервју за бугарската агенција БГНЕС.

И овој дел стана предмет на спинување од страна на провладините медиуми за да се избегне изјавата на Заев за бугарското „администрирање“ со Македонија, наместо окупација. Чисто за да се претстави дека тој бил во право, па одделни медиуми почнаа да ги читаат учебниците по историја во кои било наведено дека во активностите на веќе Оточественофронтовската бугарска армија учествувале дури 130.000 војници.

За соработката меѓу југословенската војска, што ќе рече и НОВ и ПОМ, со ОФ бугарска армија е потпишана посебна спогодба меѓу Маршалот Тито и претставниците на ОФ Влада на Бугарија, Добри Терпешев и Петар Тодоров.

Спогодбата е содржана во книгата „Архив на Јосип Броз Тито-Документи за Македонија (1943-1953), што ја подготви проф. д-р Новица Велјановски, а е во издание на Државниот архив на Република Македонија. Велјановски беше единствениот историчар од Македонија на кого му беше дозволен увид во архивата на Тито.

Текстот на спогодбата гласи:

Спогодба меѓу Националниот комитет за ослободување на Југославија и Владата на ОФ Бугарија, за воена и друга соработка, Крајова, 5 октомври 1944 година.

На 5 октомври 1944 година, е одржан состанок меѓу претседателот на Националниот комитет за ослободување на Југославија, Маршалот на Југославија Јосип Броз-Тито, и делегатите на бугарската влада на Отечествениот фронт на чело со министерот г. Добри Терпешев и Петар Тодоров. Разговорите течеа во средечен и пријателски тон и во духот на обостраното разбирање.

Постигната е согласност:

1.За воената соработка во борбата против заедничкиот непријател германскиот освојувач.

2.Дека сите прашања кои произлегуваат од соседските односи и пријателската соработка на Бугарија и Југославија ќе се решаваат во духот на братските и заедничките интереси на народите на Југославија и на бугарскиот народ.

Делегатите на владата на Отечествениот фронт изразија подготвеност да направат се за поправање на неправдите, кои на народите на Југославија им ги направиле реакционерните фашистички елементи на Владата на Бугарија и дека во полна мера ќе се заложат да се нормализираат односите меѓу бугарскиот народ и народите на Југославија во духот на целосна и братска солидарност.

5 октомври 1944 година

Претседател на Национален комитет за ослободување на Југославија, Маршал на Југославија, Ј.Б.Тито (с.р.)

Д. Трпешев (с.р.), министер на Бугарската влада на Отечествениот фронт

Од текстот несомнено се гледа дека „реакционерните фашистички елементи на Владата на Бугарија“ сториле “неправди“ кон народите на Југославија, што значи и на Македонците, кои според бугарската „историска вистина“ во тоа време биле Бугари.

Сега излегува дека тоа што веќе еднаш го признала една бугарска влада сега треба да биде предмет на историска ревизија наметната од актуелната бугарска власт. А, таа ревизија ја прифати и премиерот Заев претставувајќи ги „реакционерните фашистички елементи на Владата на Бугарија“ како бугарска „администрација“ во Македонија.