Советникот на премиерот Зоран Заев за странски инвестиции и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, се јави со фб статус во кој, меѓу другото, бара конечно отворање на архивите на злогласната УДБА.

-Храброста на политичарите да ја кажат вистината е прогресивен и потребен чекор во македонската политика. Демократијата бара различни мислења, ставови, како и дебати на битни теми. Но, неминовна и ноторна потреба е да се реши една работа која со децении се пролонгира (проблем кој го влечат повеќето екс-ју републики). Да се отворат архивите на УДБА и да се види кој кодошел на Белград. Можеби, тие што сега најмногу креваат врева ќе се најдат на списоците…напиша Љубе Бошкоски на фб.

Неговиот статус во знак на поддршка уследи по скандалозното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС.

Чудно е што вакво барање стигнува од поранешен министер за внатрешни работи, кој бил и дел од Управата за безбедност и контраразузнавање, што значи дека имал можност да ја види документацијата и да ги знае соработниците на Белград. Но, уште почудно е што Бошкоски ги бара само оние кои кодошеле во полза на Белград, ама не и оние кои тоа го правеле во полза на Софија, Атина, Тирана… Чисто за да се види кој од поранешната и актуелна политичка елита за кого работел, наместо да ги штити чисто националните и државни интереси на Република Македонија.