Жестока дебата проследена со чести уфрлувања во говорите се одвиваше денеска во собраниската Комисија за надворешни работи, на која се расправаше за извештајот на шефот на дипломатијата Никола Димитров за спроведување на надворешната политика и евроинтегративните процеси.

Димитров прво даде кусо потсетување за досегашниот евроинтеграциски процес на земјава, потсетувајќи дека 14 години сме земја кандидат за членство со десет препораки за почеток на преговори, нарекувајќи ја нашата кандидатура за членство посебен случај.

– Треба да изнајдеме начини надворешната политика да не се доведе до ниво на внатрепартиски препукувања. Изгубивме генерации околу ЕУ и НАТО, па затоа во Договорот од Преспа се обидовме да вметнеме механизми врзани со нашето членство во НАТО и со отворање на пристапниот процес. Тоа значи дека промената на документите за внатрешна употреба директно ќе зависи од отворањето на поглавјата, рече Димитров.

Димитров потсети дека во 2001 година, кога го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, бевме во група со Хрватска и оти најдобри шанси земјава да отвори преговори биле во 2012, кога група земји притискале за тоа прашање.

Тој оцени дека ЕУ од тогаш нема иста волја за проширување, бидејќи беше зафатена од многу работи како што е мигрантската криза, Брегзит и кризата во владеењето на правото во некои земји членки, што според него, го менува и нашиот контекст.

– Сега сме со Албанија која стана кандидат за членство во 2014 година и со две препораки. Ние сме со десет препораки. Тоа создава дополнителен предизвик. Самиот Макрон, покрај укажувањата дека прво треба да ја средат својата куќа, укажа и на тоа дека нивната проценка е оти ќе биде грешка ако одделно ги третираат македонската и албанската кандидатура. Јас и вчера укажав дека иако имаме интерес сите наши соседи да одат напред, тоа е неконзистентно со фокусот на унапредување на методологијата на пристапниот процес, бидејќи тој вели дека секоја земја треба да се цени според сопствените заслуги. Ако една земја ја условите за нешто што е надвор од нејзина моќ и влијание, тогаш логиката на процесот на пристапување веќе не постои и тоа значи политизација на еден процес што треба да биде базиран на мерит, оцени Димитров.

Според него, недонесувањето одлука за почеток на преговори има извесни реперкусии врз Западен Балкан, што се гледа во сите написи на сите регионални и светски медиуми.

Тој уште еднаш ја повика опозицијата да сподели одговорност за донесување на законот за Јавно обвинителство, истакнувајќи дека носењето на овој закон треба „да го тргнеме“, со цел нашата кандидатура да биде целосно чиста, притоа почитувајќи ги црвените линии.

– Од Холандија имаме јасни црвени линии и не смееме да дозволиме да се изгубат истраги на СЈО и да нема поделби во однос на тоа кој ќе се гони, а кој не, и да не се делат обвинители на подобни и неподобни, рече Димитров.

Шефот на дипломатијата порача дека сега треба да избегнеме да не паднеме во замката од Букурешт во 2008 година, да не се чувствуваме како жртви и во наредните месеци да изнајдеме начин да бидеме победници.

– Да земеме повеќе одговорност нашата земја да ја направиме проевропска, рече Димитров, повикувајќи ја опозицијата веќе во наредните денови да седнат заедно со власта и да го донесат законот за ЈО.

На крајот на едночасовното обраќање на Димитров, пратеникот на ДУИ, Артан Груби, побара пауза за да може да ги разгледа стенограмските белешки од говорот на министерот.

Ова барање, претседателот на Комисијата Антонио Милошоски го оцени како смислена тактика на СДСМ и ДУИ, кои, како што рече, не сакаат министерот да и даде отчет на опозицијата и да биде изложен на критика. Тој додаде и дека „за фијаското во Брисел“ се одговорни вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев.

Груби одговори оти барањето за добивање на стенограмите е негово право загарантирано со Деловникот за работа на Собранието. По десетина минути препирање, Милошоски одлучи да не даде пауза и Комисијата продолжи со излагање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Осврнувајќи се на обраќањето на Димитров околу недобивањето датум и Договорот од Преспа, Димовски рече дека влогот веќе е направен, а резултатот е ист – земјава не доби датум за преговори.

Вие на маса ги ставивте националните интереси, а не добивте ништо. Одговорот како Влада од ваша страна требаше да биде прифаќање на одговорноста, а не барање на виновници. Велите дека Преспанскиот договор ни дава шанса да не го имплементираме новото име во области каде што не сме отвориле поглавја, на пример во образованието – но таму се направени промени, ги сменивте свидетелствата, му реплицираше Димовски на Димитров.

Димовски го обвини министерот дека Преспанскиот договор е прекршен на штета на земјава и дека Владата имплементирала нешто што не морала, оценувајќи дека Договорот од Преспа не само што е имплементиран, туку како што рече, и надимплементиран.

– Оваа Влада одлучи дека ќе ја смени националната и државната позиција во однос на спорот со Грција . Ниту една Влада претходно не излегла од зацртаните рамки. Вие излеговте, но придобивка нема, со што е нарушена позицијата и на претходните влади, посочи Димовски.

Седницата за надворешна политика продолжи по паузата од половина час.