Утринава во Скопје се приведени Димитар Димовски член на Извршен Комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски – претседател на Општинскиот Комитет во Аеродром. Во јавноста излегоа информации дека меѓу приведените е и поранешниот министер Миле Јанакиески.

Пресинг ТВ разговараше со адвокат на еден од приведените.

„Полицијата беше коректна, немаше ставање лисици при спроведувањето. Мојот клиент е приведен врз основа на издаден налог. Тој сега е во суд каде чека да биде испрашан“, ни изјави адвокатот.

Димовски и Митревски биле приведени во рамки на големата полициска акција во која се апсат поранешни високи функционери, административни службеници и лица кои вршат работи од јавен интерес. Акцијата се спровела на неколку локации низ Скопје.

„По неколкумесечна сеопфатна предистражна постапка, денеска по насоки на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се преземаат дејствија за обезбедување на осомничени лица на повеќе локации во Скопје“, информираат од МВР.

Неофицијално уапсени се десетина лица, а по еден се трага.

Станува збор за случај кој претходно го истражувало СЈО, а неофицијално за Пресинг ТВ изјавија дека во прашање е „Случајот Шпански скали“ и издавање парцела за хотел.