За помалку од еден час, денеска во Основниот кривичен суд Скопје треба да биде изречена пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Пресудата за овој предмет во судница треба да ја чуе и поранешниот директор на УБК и еден од обвинетите Сашо Мијалков, кој ќе биде спроведен од домашен притвор што му го одреди судот како мерка на претпазливост.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

Судењето за „Таргет – Тврдина “ започна на 22 декември 2017 година. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.