Грчката влада нема да падне па дури ако од неа излезе помалиот коалициски партнер АНЕЛ, на Панос Каменос, тврди премиерот Алексис Ципрас во интервју за „Волстрит џурнал“.

Ципрас подвлече дека тој е решен да го ратификува преспанскиот договор и проценува дека договорот ќе дојде во грчкиот парламент околу март в година. Тој признава дека неговиот владин партнер Каменос би можел да излезе од владата, но, сепак, изрази оптимизам.

„Мислам дека мојата влада ќе преживее, но не знам дали коалицијата ќе преживее. Но, тоа е нешто за кое треба да одлучи мојот партнер“, вели Ципрас, додавајќи дека негова цел е да го заврши четиригодишниот мандат.

Зборувајќи за договорот постигнат со Скопје, Ципрас истакнува: „Нема да играм игри. Договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент веднаш штом ќе завршат процесите во Македонија“, проценувајќи дека договорот ќе дојде во парламентот околу март.

Ципрас вели дека негов план е новото име на соседната земја да го промовира како дел од поширокиот геополитички план за улогата на Грција во регионот, додавајќи дека сега тој сака да ги поддржи напорите на САД и на Западот во регионот и покрај силното антиамериканско чувство на Сириза во минатото.