Премиерот на Грција, Алексис Ципрас утре доаѓа во официјална посета на Македонија, прва официјална посета на на грчки премиер на земјава. Неговиот домаќин, премиерот Зоран Заев ќе го прими Ципрас кој со себе носи половина кабинет – десет министри, плус повеќе од 70 бизнисмени. Бизнис заедницата доаѓа од секторите за енергетика, изградба, индустриско производство, производство на храна и пијалаци како и од високата технологија.

Според соопштението од Атина, со премиерот Ципрас доаѓаат:заменичката премиерка за Македонија-Тракија, Елефтерија Хаџигеоргиу, министерот за економија, Јани Драгасакис, минстерот за одбрана, Евенгелос Апостолакис, за екологија, Џорџ Статакис, за рурален развој, Ставрос Араховитис, за транспорт, Христос Спирицис, за здравство, Андреас Џантос и заменикот министер за надворешни работи, Маркос Боларис.

Од Атина е најавено дека Заев и Ципрас како и надлежните министри ќе потпишат серија билатерални договори со новото име на земјата „Република Северна Македонија“. Меѓу нив се договорот за соработка во областа на одбраната, договор за отворање нов граничен премин (Маркова Нога), како и меморандуми за разбирање за соработка меѓу министерствата за надворешни работи, со Секретаријатот за европски прашања како и меморандум меѓу цивилните воздухопловства.