На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време, нагласи денеска претседателот Стево Пендаровски во честитката упатена до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Шефот на државата истакна дека тоа биле идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници.

-На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност, вели Пендаровски во честитката.

Денес, 127 години подоцна, додава тој, наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор.

-Да ја градиме Република Македонија во напредна европска држава со функционални и одговорни институции, со владеење на правото и со слободно и инклузивно општество, вели претседателот на државата.

Пендаровски напоменува дека годинава, празникот го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која нè потсети колку е испреплетена нашата судбина и колку ние луѓето сме ранливи, независно од нашите етнички, верски, политички и социјални разлики.

-Овој предизвик што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Солидарноста мора повторно да стане наша врвна индивидуална и општествена доблест. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж за Република Македонија, додаде претседателот во својата честитка.