Режисерката Зоја Бузалковска со статус на својот фејсбук-профил реагираше за ревидираната годишна програма на проекти од национален интерес во културата, за која вели дека сè уште е скандалозна.

Освен корекциите на кардиналните грешки и на катастрофалните одлуки во неколку случаи, сето друго е токму како што предвидов – забошотување, ‘затнување усти’, пополнување дупки, залажување, тивка уцена на оние кои сакаат нивните институции да продолжат да постојат и проектите сепак да бидат реализирани, како-така“, наведува Бузалковска во објавата.

Во целата ситуација, додава Бузалковска, изостанува тотална и темелна ревизија, во која ќе се преиспита како е можно толку големи средства да се одлеат на институции кои не биле ниту легално отворени кога бил завршен конкурсот за програмата.

И по делумната ревизија, за овие институции и поединци одлуката останува иста, што е сосема разбирливо кога ќе се знае дека таму единствениот или најважниот применет критериум е партискиот. Со тоа, тие крупно го ‘оштетија’ буџетот за култура годинавa и направија, вистински квалитетните проекти да мора да бидат реализирани со мизерни финансии“, смета режисерката.

Таа нагласува дека остануваат и нелогичностите и непропорционалностите меѓу бодирањето и доделените средства, различните аршини за ист тип на проекти и нејасните критериуми.

Таа во објавата на „Фејсбук“ истакнува дека срамно е што повторно никој не презел одговорност за она што се случи и тоа што Министерот за култура мисли дека го решил проблемот.

Срамно е што премиерот не мисли дека треба да побара оставка од ресорниот министер по еден ваков скандал и што се задоволува со ваквата солуција, срамно е што ова ќе остане уште едно ‘чудо за три дена’, во кое моево писание ќе делува бајато и неинтересно за јавноста, која веќе се занимава со некој потазе и позвучен скандал“, пишува режисерката и додава дека јавноста и фелата не смее толку лесно да се помируваат, односно дека треба да се направи реален напор да се извршат системски промени.

Театарската режисерка Зоја Бузалковска, на почетокот на февруари, со писмо до премиерот Зоран Заев, поднесе оставка од Советот за култура поради Годишната програма на Министерството за култура.