Bо емисијата 24 анализа Миле Зечевиќ од СДСМ истакна дека треба да се сочува заедништвото на партијата и на СДСМ не му се потребни турбуленции во овој момент.

-Добро би било за нас како партија да го продолжиме процесот и сум убеден дека никој освен Зоран Заев не може да ја води владата за да во 2024 излеземе на редовни парламентарни избори. Тоа е мојот став и позиција. Секое друго решение го сметам како решение кое ќе не воведе во предвремени парламентарни избори, кажа Зечевиќ.

Поранешниот советник на премиерот, Зоран Заев и поранешен директор на УБК, Миле Зечевиќ вели дека се гледа на лидерското место на СДСМ на местото на Зоран Заев.

-Клучен момент што ќе пресече е да го почувствувам импулсот на членството во овој момент. Единствено тоа ми е битно и битно ми е останувањето на Заев во Владата како премиер, вели Зечевиќ.

Во однос на рокот за поднесување кандидатури, членот на СДСМ смета дека е малку време за промовирање и објаснување на визиите на кандидатите.

-Краток е периодот. Тоа е дамка. Во однос на другите кандидати, јас сум во предност во однос на нив. Сите структури долго ме познаваат. Јас бев булдожерот на СДСМ во сите овие години, рече Зечевиќ.