Секогаш сум сметал дека со преговори можат да се најдат решенија. Сегашните и идните поколенија нема да ѝ простат ниту на Бугарија ниту на Република Македонија што не сме нашле компромис кој ќе обезбеди перспектива, му порачал бугарскиот премиер Бојко Борисов на специјалниот пратеник на македонската Влада, Владо Бучковски во Софија.

За да се најде одржливо и трајно решение на преостанатите отворени прашања во меѓусебните односи неопходен е прагматичен, искрен и добронамерен пристап, изразен во конкретни активности. За заемна доверба потребно е стриктно и неповратно исполнување на сите обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, изјавил Борисов на средбата.

Според него, Бугарија отсекогаш ги почитувала евроатлантските вредности и затоа темата за европската перспектива на Западен Балкан ја ставиле на прво место за време на бугарското претседавање со ЕУ.

„До овој момент Бугарија ги вложи сите напори земјите од Западен Балкан да бидат интегрирани во НАТО и во ЕУ, па во тој контекст како резултат на бугарската поддршка за европската иднина на Македонија е потпишан и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, додал Борисов.

Бучковски во Софија вчера се сретна со министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева и по средбата рече дека признава оти е нарушена довербата меѓу двете страни.