Брзите, точни и навремени информации и натаму се главните предизвици за медиумите при информирање на јавноста и извршување на нивната улога – коректор на власта“, велат од Агенцијата за медиуми, во соопштение по повод Светскиот ден на слобода на медиумите, кој годинава се одржува под мотото „Медиуми за демократија: новинарството и изборите во време на дезинформации“.

Оттаму потсетуваат дека само професионалните и независни медиуми придонесуваат за општествен и демократски развој.

Во денешните општества сведоци сме на се повеќе дезинформации и во изборни циклуси и надвор од нив кои се огромна закана и за медиумите и за демократијата. Денешниот ден е можност да се реафирмираат основните принципи на медиумската слобода, да се процени степенот на оваа слобода, да се одбранат медиумите од нападите по нивната независност и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубија своите животи извршувајќи ги своите професионални обврски“ се вели во соопштението испратено до медиумите.

Од агенцијата посочуваат дека според последниот извештај на Репортери без граници, состојбата со слободата на медиумите во земјава е подобрена, но пред нас има уште многу предизвици.

Репортери без граници: Земјава на 95. место според слобода на медиумите

Нашата земја е на 95-то место според последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“ (РСФ), скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година и со тоа се пласираше подобро и од соседна Бугарија, која е членка на ЕУ, а е на 111 место.

Во годинашниот извештај од земјите на поранешна Југославија плус Албанија, најдобро е рангирана Словенија , на 34. место, БиХ е 63-та, Хрватска 64-та, Грција 65-та, Косово 75-то, Албанија 82-ра, Србија 90-та (со пад од 14 места) Црна Гора 104-та и Бугарија 111-та.

Од АВМУ додаваат и дека, како и досега, агенцијата ќе продолжи да делува проактивно на полето на унапредување на професионалните стандарди и на зголемување на свеста кај медиумите за улогата и одговорноста што ја имаат во општеството и пред граѓаните.