Денешното редовно годишно собрание на МАНУ се претвори во отворена арена во која во клинч се фатија академиците Катица Ќулафкова и Абдулменаф Беџети. Поводот беше Законот за употреба на јазиците или, подобро речено, нобезбедените услови за превод, што го стави во сенка експозето на претседателот Таки Фити.

Веднаш по завршувањето на експозето, за збор се јави академик Ќулафкова, која потсети дека одделението за лингвистика побарало специјална седница на МАНУ, но тоа не било реализирано. Таа изрази сомневање во процедурата и начинот на кој беше донесен Законот за употреба на јазиците и посочи дека со него се врши позитивна дискриминација на малцинството врз мнозинството. Според неа, во унитарна држава, каква што барем формално се залага да биде Република Македонија, има потреба од кохезија, од функционално и економично работење.

Македонија во овој момент е претворена во една лабава, нестабилна структура од јазични, верски културни и други заедници. Нестабилна, затоа што произведува и постојано генерира, со овој нов ЗУЈ, мискомуникација, мис интерпретација, отуѓување на заедниците една од друга. Не е спорно дека албанскиот, турскиот, секој јазик треба да има карактер на службен јазик во нашата држава. Се работи само за опсегот на таа службеност, на службениот карактер на еден јазик. Ако ние имаме идентичен опсег на сите јазици или на два јазика, бидејќи веќе се клониме кон двојазичност, тогаш стекнатиот статус на македонскиот јазик е доведен во прашање, рече Ќулафкова.

Таа се заложи МАНУ да даде свој придонес со стратешко истражување или со научна конференција втемелена на меѓународни сознанија и искуства, особено усогласена со категоријалниот систем на Европската повелба за регионални и/или малцински јазици, што Македонија ја има потпишано, но не и ратификувано.

Без таков научен, истражувачки и цивилизиран пристап кон проблематиката на јазикот, ние, со вакви закони како последниот, го доведуваме во прашање воопшто економичното, функционално и демократско функционирање на државата и на голема врата воведуваме, како да кажам, една јазична изолација, една ситуација во која што дури ќе се промовира и реторика на омраза спрема македонскиот јазик, нагласи академик Ќулафкова, на што во салата следуваше срамежлив аплуз.

По неа, веднаш за збор се јави академик Абдулменаф Беџети, кој својот говор го почна на македонски, но по кратко време продолжи на албански. На ова стигна дофрлување дека не го разбираат.

Ќе ме разберете, тоа е мојата предност, што ја имам во однос на вас, почитуван колега, возврати Беџети.

Тој нагласи дека академиците треба да се навикнуваат на албанскиот и изрази жалење, што за седницата не се обезбедени услови за превод.

Доста више со оваа позитивна дискриминација кога некој сака некого позитивно да дискриминира. Нема таква потреба ако веќе најавуваме концепт на едно општество за сите, а не една голема етничка заедница над другата помала етничка заедница, без разлика на соодносите во квантум. Современите држави, трендовите кон ние одиме, а претендираме да бидеме членка на ЕУ, и учество на 5% од друга етничка заедница обезбедува задолжителност на употреба на тој друг јазик. И мислам дека ние треба што побрзо тоа да го разбереме, рече академик Беџети.

Тој изрази сомнеж дека се  уште има поединци, кои не можат да разграничат што е индивидуално право, а што колективно, па и нему му се упаѓа и тој да нема индивидуално право да го употребува својот мајчин јазик, кој веќе и легално е во употреба. Се заложи МАНУ што поскоро на затворена седница да ги отвори сите аспекти и на проблемот да му пријде од научна гледна точка.

Очигледно денеска ова не е соддветно место каде што би се разговарало за ова, но морам да подвлечам дека сосема е погрешна поставената теза дека Законот за употреба на јазиците како позитивна дискримиација може да се постави во корелација наспроти штетата на македонскиот јазик. Сакам некој од соодветните одделенија, особено од одделението за лингвистика, научно истражување со кое ќе ми докаже. Ако е тоа така, јас еве јавно се изјаснувам дека јас тоа ќе го почитувам. Ама научно да ми покаже дека навистина позитивната дискриминација на еден јазик нарушува или негативно го дискриминира другиот јазик, рече Беџети.

„Нашата земја“ место Република Северна Македонија

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, читајќи го своето експозе на годишното собрание во два наврати отстапи од подготвениот текст. Имено, на две места на кои стоеше Република Северна Македонија, тој од само нему познати причини го користеше терминот „нашата земја“.

Од 100, само 13 студенти можат на најдат работа соодветна на квалификациите

Во заклучоците и сугестиите, што во експозето претседателот Таки Фити ги упати до Владата, посебно внимание привлече делот за квалитетот и ефикасноста на институциите, што е условен од квалитетот на кадрите, а што, пак, зависи од квалитетот на високото образование.

Неопходни се длабоки реформи во образовниот систем на земјата. Ова дотолку повеќем што ефикасноста на образовниот систем во земјите од Западен Балкан, според тоа и кај нас, е загрижувачки ниска. Имено, истражувањата на оваа проблематика упатуваат дека ефикасноста на образовниот систем е само 13%-тоа значи дека од 100 дипломирани студенти на нашите универзитети, само 13 можат, без особени проблеми, да најдат вработување соодветно на нивните квалификации, знаења и вештини. Податок што треба сериозно да не загрижи, рече тој.