Кога Бугарите дојдоа во Македонија, повеќето луѓе мислеа дека ќе им биде подобро со Бугарите, отколку со Германците. Но, уште од првиот ден Бугарите ни го покажаа своето лице на окупатор. Како прво, го воведоа Законот за заштита на нацијата. Најважната работа во врска со овој закон е дека беше насочен против Евреите. Како второ, ги третираа сите Евреи како странски државјани. Со други зборови, не ни даваа бугарско државјанство. Сите други во градот станаа бугарски државјани. Но, Евреите останаа жители на Југославија. На тој начин Бугарите можеа да прават со нас што сакаа.
Ова е само дел од сеќавата на Жамила Колономос, македонска револуционерка и првоборец, професорка по француска филологија, општественик, писател и публицист, објавени во брошурата на Мајкл Беренбаум насловена како „Евреите во Македонија за време на Втората светска војна„, посветена на скопскиот Музеј на холокаустот. Беренбаум бил директор на Институтот Зиги Циринг: истражување на етичките и на верските последици од холокаустот, и професор по еврејски студии при Американскиот еврејски универзитет во Лос Анџелес.
Краткиот исечок од сеќавањата на Колономос е само фрагмент за потсетување на 78-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во нацистичките логори на смртта. Да не се заборави!
На 11 март 1943 година од скопскиот монопол тргнаа на патот без враќање 7.148 македонски Евреи. Нивните животи завршија во логорот на смртта „Треблинка“, како резултат на човековото безумие за масовно убивање на цел еден народ. Да не се заборави!
Холокаустот на македонските Евреи и нивната трагична животна судбина денес добиваат специфична тежина од аспект на (ре)дефинирањето на македонско-бугарските односи. Како клучно е прашањето зошто бугарските окупаторски власти во однос на Евреите од Македонија и Тракија не постапиле исто, како што постапила бугарската власт со бугарските Евреи?
И дел од одговорите стигнаа на вчерашната промоција во МАНУ на тријазичната книга „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија“, на авторите Владо Поповски, Скендер Асани и Нора Малиќи Зулали.
– Мошне значаен е и фактот дека за македонските Евреи не бил обезбеден истиот правен статус како за Евреите во Бугарија. Така, како што нагласува проф. Поповски, на нив не им било дадено бугарско државјанство иако тие самите го барале тоа за да се обидат да се спасат од депортации и масовно уништување. Тоа било одбиено затоа што на бугарската држава и било потребно нивното жртвување со кое ќе ја докаже својата лојалност кон Хитлер, а и како израз на благодарност затоа што и ја доделил на управување окупираната територија. Одвратна е самата помисла дека бугарските официози, кои знаеле за депортирањето на македонските Евреи, желно очекувале да се дограбат до нивните конфискувани имоти, наведе во својот говор промоторот на изданието, академик Владо Камбовски.
Бугарската лојалност кон Хитлер и благодарноста за доделувањето на управување на окупираната територија Македонија сепак биле многу поважни од пројавување на било каква граѓанска иницијатива, по теркот на бугарската, за спасување на македонските Евреи. И нивното жртвување не може да се доведе во некаква корелација со вештачки и насилно поставување на прашањето што направиле македонските партизани за спасување на македонските Евреи?
Comments are closed for this post.