Бугарскиот весник „24 часа“ најавува дека Бугарија ќе го тргне ветото за Македонија во текот на следната недела, откако ќе добие гаранција дека во секое време ќе може да ја блокира земјава по почнувањето на преговорите.

Во „замена“ Македонија ќе може да ги почне преговорите за членство.

Како што објавува весникот, идејата на влијателни европски политичари е да ѝ се гарантира на Бугарија дека нема „повеќе да биде измамена“, но и на Скопје дека нема да ја изгуби шансата за полноправно членство во ЕУ.

Бидејќи повеќето наши барања, како што е отстранувањето на говорот на омраза од учебниците, не се нешто што се случува веднаш, Бугарија ќе има право на вето во секое време, пишува „24 часа“.

Според бугарскиот весник, тоа може да се случи ако сите спорни прашања бидат вклучени во патоказ за членство на Македонија, што ќе го одобри Советот на ЕУ. Така, во случај на непочитување на договорите или неисполнување на која било од обврските, Софија во секое време ќе може да наметне вето.